Вечерва во кафе-книжарницата „Буква“ во 20 часот ќе се одржи промоцијата на романот „Ноќите кога заспивавме во Помпеја“ од Давор Стојановски, во издание на „Или-или“. Промоторка на книгата ќе биде писателката Николина Андова-Шопова. Романот влезе во најтесниот круг за наградата „Роман на годината 2021“ на Фондацијата „Славко Јаневски“.

Давор Стојановски напишал сјаен роман! Возбудлива и непредвидлива приказна, прецизна нарација со брилијантно чувство за ритам и драматургија, со одлично изградена атмосфера и ликови, со вешто вклопени контемплативни прелевања (некои од нив антологиски парчиња). Му посакувам (и предвидувам) голем успех. Топла препорака“. Николина Андова-Шопова

Давор Стојановски (1987, Скопје) е писател, поет, преведувач и музичар. Магистрирал на Филолошкиот факултет во Скопје. Неговите дела се застапени во домашни и во странски антологии. Неговиот прв роман „Ненасловена месечева соната“ (2013) влезе во потесниот круг за наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“, а со вториот роман „Собирачи на пепел“ (2016) стана лауреат. Третиот роман „Утеха за голите“ (2018) беше номиниран за Наградата за литература на ЕУ за 2020 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.