„Последните голтки“, втората збирка раскази на Елизабета Баковска, вечерва во 20 часот ќе биде промовирана во Младински културен центар (МКЦ) во Скопје. Со поднаслов „Раскази за суштински нешта, вторпат“, таа доаѓа 14 години по објавувањето на нејзината прва збирка.

Книгата се состои од два циклуси: „Раскази во трето лице“ содржи девет подолги раскази, а „Раскази во прво лице“ десет пократки.

„Иако поделбата е направена така да нѐ залаже дека во првиот дел се нелични, измислени приказни, а во вториот обратно, тоа, сепак, не е издрживо како основна подлошка за толкување. За првите може да се каже дека се малку помалку, а вторите малку повеќе лични. Сѐ на сѐ, ‘Последните голтки‘ е книга на и за сеќавањето, тефтер од минатото, потпикнат под масата на сегашноста, за да ја направи постабилна“, вели Оливера Ќорвезироска во најавата на книгата.

Елизабета Баковска (1969) дипломирала и магистрирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за англиски јазик и книжевност. Докторирала на тема од областа родови студии на Институтот Евро-Балкан. Преведува, пишува поезија, проза и книжевна теорија и критика. На македонски јазик ги превела Надин Гордимер, Вилијам Фокнер, Бора Ќосиќ, Давид Албахари. Нејзина поезија, проза и критички текстови се преведени и објавени на англиски, шпански, романски, бугарски, словенечки, српски, црногорски јазик.

За книгата ќе зборуваат Оливера Ќорвезироска и Тихомир Јанчовски. Раскази ќе чита Ана Василева. Фотографиите од книгата ги изложува Сашо Димоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.