Во четврток, на 17 октомври, во 12 часот, во салата на Порта Македонија ќе се одржи промоција на најновата книга на д-р Драгица Поповска: „Усна историја – минатото низ нарација“, во издание на Институтот за национална историја.
Д-р Поповска е редовен професор во Одделението за културна историја при Институтот за национална историја, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“. Нејзините истражувања се во областа на културната историја и социокултурната антропологија.
Книгата ги идентификува вредностите на усната историја како научен метод на собирање, на зачувување и на толкување на гласовите на луѓето, на заедниците и на учесниците во минатите настани, кој придонесува кон сеопфатно разбирање на минатото. Во услови кога историјата се доживува како товар на сегашноста, заради конфликтите кои ги иницира помеѓу различните заедници, особено овде на Балканот, каде секој промовира своја „историска вистина“, книгата ја потенцира неопходноста од вклучување на усната историја во истражувањата и академските историски пишувања. Овој метод овозможува утврдување на врските помеѓу историските настани и емоциите, перцепциите и толкувањата кои ги предизвикуваат тие кај „обичните“ луѓе. Станува збор за ресурс што нуди нови интерпретативни перспективи за одредено минато, бидејќи индивидуалните сеќавања честопати ја покажуваат „приказната под приказната“. Едноставно, противречната и конфликтна општествено политичка физиономија, карактеристична за современоста, според авторката, бара пристапи за проучувања, особено на поновата историја, кои не ги земаат предвид само документите, туку и усните сведоштва. Зашто, усната историја го надминува тесниот образец на истражувачката работа и овозможува да се пронајде поголемиот образец на историјата на даден настан.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.