Втората збирка раскази на Тамара Јолевска-Попов насловена според истоимениот расказ „Скопје, ти раскинуем“ деновиве излезе од печат во издание на „ПНВ публикации“. Книгата содржи четириесетина куси раскази.

Промоцијата на книгата ќе се одржи денеска од 20 часот во киното „Фросина“. Промотори ќе бидат Душко Крстевски, Ѓоко Здравески и Деспина Мукоска, извадоци ќе чита Томе Станковски, а како диџеј ќе гостува и Ненад Стефаноски.

Овие прозни записи се одлична закуска додека се возите во автобус, додека мечтаете на плажа, додека го пиете попладневното кафе дома или пивото во градскиот парк, додека децата се на најблиските лулашки. Со кратко читање на овие микрораскази и подолго размислување за нив, оваа книга е совршена џебна енциклопедија на љубовта, урбаната егзистенција, стравовите, кошмарите и созерцанијата. Со оваа книга Тамара дефинитивно ‘раскинуе’ со Скопје, но не и со нејзините читатели, забележува Душко Крстевски.

Деспина Мукоска вели дека книгата „Скопје, ти раскинуем“ му ја препорачува на храбриот, урбан женски читател, кој има храброст да ја заврти вековната, генетска, ментална завртка и подготвен е да разбере дека мааните кај љубениот ги забележуваме само тогаш кога престануваме да сакаме и почнуваме вистински да љубиме. За машкиот читател пак, Мукоска вели дека ќе ја разбере Тамара „од прва“.

Тамара Јолевска-Попов е родена на 30 март 1987 година во Скопје. Средното образование го завршува во уметничкиот колеџ „Бромсгроув“ во Бирмингем, Велика Британија. Дипломирала англиски и шпански јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а магистрирала англиски јазик на Универзитетот „Американ Колеџ“ Скопје. Долги години е присутна и на независната уметничка сцена.
Автор е на збирката раскази „Ге-дур“ (2013, ИЛИ-ИЛИ). Автор е и на неколку необјавени драмски текстови. Работела како уредник во издавачки куќи, професор по англиски јазик во приватни училишта во Скопје, а во моментов е лектор на Универзитетот „Американ колеџ“ во Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.