На 21 март, четврток, во 12 часот во просториите на Кинотека ќе се одржи промоцијата на ДВД изданието на играните филмови на Кирил Ценевски. „Црно семе“, „Јад“, „Оловна бригада“ и „Јазол“ се четирите дигитално реставрирани долгометражни играни филмови во оваа уникатна колекција.

На промоцијата ќе присуствуваат српскиот глумец со македонско потекло Лазар Ристовски, како и македонската актерка од Хрватска, Костадинка Велковска.

Кирил Ценевски по многу параметри е единствена појава во македонската кинематографија. Контроверзноста слободно може да фигурира како негово средно име. Уште со првиот филм, „Црно семе“, ги освои не само најбитните награди на фестивалите во тогашна Југославија, туку е и прв македонски игран филм кој учествувал и бил наградуван на интернационални филмски фестивали.

Четирите играни филмови на Ценевски се посебни по тоа што секој од нив припаѓа на посебен жанр, со широк дијапазон на теми: логорска драма („Црно семе“), историски и библиски мотиви („Јад“), современ социјален ангажман („Оловна бригада“), воена психолошка драма („Јазол“). Понатаму, сите четири играни филмови имаат сложена продукциска задача, бидејќи нивното дејствие изискува креативна реконструкција на поблиската („Црно семе“ и „Јазол“) и подалечната историја („Јад“) или, пак, дејствието се одвива на необично место (рудникот во „Оловна бригада“) , прилично тешко за реализација според стандардните рамки.

Без разлика на неговата успешност како режисер, гледана преку домашни и интернационални признанија и награди, Кирил Ценевски е забележлив по неговата техничка подготвеност и способност на вистински места да вклучи вистински луѓе. Заради тоа сите негови филмови имаат свој карактеристичен „технички“ момент кој прави да се издвојуваат од останатите. „Црно семе“  по прецизната сценографија, речиси целосно изградена на островот Паг во Јадранското Mоре, „Јад“ по автентичната костимографија и шминка, во духот на времето во кое се случува, „Оловната бригада“ со можеби најоригиналната работа со камера на овие простори, со прецизно управуван стедикем и исклучително минималистичко осветлување, и последниот негов филм „Јазол“  со одлично снимените акциони сцени, кои даваат извесен крими призвук на една историска тема.

Токму заради оваа техничка супериорност, од исклучителна важност е заземањето правилна насока во процесот на дигитална реставрација на овој опус, толку разновиден и технички захтевен. После внимателно разгледување на изворните материјали одлучивме како основа за дигитализација да се земат најстарите примероци од сите филмови, односно оригинален негатив слика и негатив тон (освен кај филмот ЈАД каде тонот е земен од позитив тонска копија). И покрај тоа што во архивот на кинотеката имаше повеќе сочувани интер негативи, заради сочувување на оригиналната замисла и добивање што повеќе информации од сликата (боја, контраст) оригиналниот негатив беше идеалниот избор. Покрај внимателното разгледување на филмските материјали, направен е и преглед низ придружните материјали од овие филмови (фотографии, натписи, книги на снимање, сценарија) сè со цел обезбедување информации за постоењето на различни верзии, за начинот на снимање и сл.

Ценевски не застанал зад камерата повеќе од три децении. Неговиот (пре)долг авторски молк можеби е уште една причина за навраќање на овој, по многу нешта исклучителен, филмски опус.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.