Вo вторник, (11 декември 2018), со почеток во 12:00 часот, во Музеј на град Скопје (археолошка сала) ќе биде промовирана публикацијата „Скупи – сектор Jугоисточен бедем и комплекс Терма – базилика со атриум“. Промотор е Проф. д-р Елица Манева, издавач: Музеј на град Скопје, а издавањето на публикацијата е реализирано од Музејот на град Скопје со финансиска поддршка од Министерството за култура на Р Македонија и во координација со Управата за заштита на културното наследство.

Публикацијата „Скупи – сектор Jугоисточен бедем и комплекс Терма – базилика со атриум“ е резултат на сознанијата добиени од систематските археолошки истражувања во периодот 2008-2013 година реализирани во рамките на капиталните инвестиции на Владата на Република Македонија во областа на културата, со посредство на Министерството за култура и координација на Управата за заштита на културното наследство.
Проектот беше насочен кон истражување на две локации од кои едната е секторот Југоисточен бедем во југоисточната градска зона и другата комплексот Терма – базилика со атриум во централната градска зона. Покрај архитектонските комплекси и поединечни градби, беа откриени и околу 16000 движни археолошки наоди изработени во различни материјали и техники.
Целта на публикацијата е реконструкција на животот во римскиот градот Скупи, кој континуирано се одвивал во периодот од I до раниот VII век, како и во средновековниот период од IX до XI век, преку анализа на археолошките слоеви, архитектонските градби и движните наоди, најдени во текот на посечените истражувања. Оваа публикација претставува дополнување на постоечките сознанија со нови согледувања за урбанизмот, архитектурата и материјалната култура, кои фрлаат ново светло за историјата и археологијата на римскиот град Скупи. Во оваа прилика е направен избор од 204 типолошки и хронолошки чуствителни предмети преку кои на најсоодветен начин се претставени застепените историски периоди.
Станува збор за двојазична македонско/англиска публикација што ќе овозможи достапност на нашето културно наследство во меѓународни рамки.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.