На 21 февруари во 19:00, во џебното кино на МКЦ ќе се одржи промоцијата на зборката раскази „Понор“ од Златко Ѓелески. „Понор“ е петта книга во едицијата Наше маало на Бегемот.

Станува збор за збирка од дваесет и три фантастични раскази ситуирани во главниот град Понор, каде што се пресретнуваат и одминуваат ликовите – некои намерно, некои случајно. Во него се запознаваме со протагонистите пред да се соочат со тешки одлуки, кои засекогаш ќе им ги променат животите.

Понор е жив организам што се прехранува со судбините на ликовите, кои трагаат по сопствената среќа на погрешна адреса. Огледалата во Понор се употребуваат само за да се дотера суетата, наместо да се согеда потрошениот потенцијал на дефицитот на вредности. Во дел од расказите се тестираат границите на книжевните форми, постмодернистички се експериментира со структурата, приложувајќи еден негатив на градот во кој се одвиваат очудувачки настани. Понор не е видлив со голо око, напротив, тој е таен град кој се крие на опачината на реалноста, до кого читателите може да дојдат со помош на нивната имагинација. Во збирката, читателот е патник низ крвотокот на Понор, кој се запознава со мали ликови способни за големи нешта, кои во решавачките мигови на животот одлучуваат да го продадат својот спокој за инстантен успех, со краток рок на употреба. Понор е негатив на Скопје кое никогаш не постоело, град од некое друго вчера и денешно утре, до кое не смее да дојде.

Понор е збирка раскази, во кои авторот Ѓелески продолжува, со уште порадикална потреба, да ги истражува и да ги поместува креативните потенцијали на современиот, урбан и нему лично омилен – хорор-жанр, како и предизвиците на т.н. поетика на стравот, втемелена врз сознанијата дека стравот е основната и најискрена од човековите емоции“ пишува за делото Елизабета Шелева, која ќе биде промотор на делото.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.