Во Галеријата на Младинскиот културен центар вечер од 19 часот ќе биде промовирана поемата „Нова Атлантида“ – последното дело на Петре Бакевски, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Станува збор за последната книга на којашто Бакевски работел пред смртта во 2011 година. Изданието е сочинето од три пеења: „Бротче од хартија“, „Ecce homo“ и „Јазол од ветрови“. Првиот дел (верзија), првично објавен во 2008 година, е добитник на наградата за најдобра поема „Григор Прличев“. Авторот подоцна се посветил на создавање на другите два последователни дела, кои се заокружени во една целина под насловот „Нова Атлантида“. Првпат ексклузивно од печат излегува комплетираното дело со сите три пеења, соопшти издавачката куќа.

Уредник на изданието е Томе Силјаноски, а поговорот го напиша театрологот Јелена Лужина која и ќе ја промовира книгата заедно со новинарот и колумнист Ерол Ризаов.

Книгата „Нова Атлантида“ е објавена во едицијата „Македонски книжевни класици“ во чии рамки „Арс Ламина“ досега (ре)објави дел од творештвото на Петре М. Андреевски, Гане Тодоровски, Димитар Солев, Живко Чинго, Ѓорѓи Абаџиев, Влада Урошевиќ, Блаже Конески и Оливера Николова.

Петре Бакевски (Кавадарци, 5 јануари 1947 – Скопје, 25 август 2011) беше долгогодишен главен уредник на книгоиздателството „Детска радост“ и добитник на голем број награди и признанија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.