Во чест на стогодишнината од раѓањето на великанот на македонската книжевност Блаже Конески, издавачката куќа „Арс Ламина“ реобјави пет негови значајни дела. Станува збор за стихозбирките „Везилка“, „Црква“, „Црн овен“ и двотомниот избор од творештвото на Конески: „Збор и опит 1“ и „Збор и опит 2“, кои се со нови предговори и поговори, напишани од еминентни книжевници и професори.

По тој повод вечер во фоајето на Националната опера и балет, ќе се одржи свечениот настан „Сто години од раѓањето на Блаже Конески: Песна од копнеж и песна од мака“.

Како што соопшти издавачката куќа „Арс Ламина“, на свеченоста ќе зборуваат авторите на предговорите, односно поговорите: академик Влада Урошевиќ, проф. д-р Вера Стојчевска-Антиќ, проф. д-р Зоран Анчевски, проф. д-р Иван Џепароски и проф. д-р Димитар Пандев. Модератори ќе бидат Бисера Бендевска и Ведран Диздаревиќ, уредници на петте книги, кои се дел од едицијата Македонски книжевни класици, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Во програмата се предвидени и проекција на видео, специјално снимено по повод јубилејот, како и рецитал, во кој познатиот актер Ѓорѓи Јолевски ќе чита избор песни од Конески.

Реобјавените книги од Блаже Конески ќе бидат достапни во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk, а ќе можат да се набават и на промотивниот настан во Националната опера и балет.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.