Промоција на монографското издание за Владимир Мајаковски насловено „Владимир „Волоѓа“ Мајаковски“ од Александар Маркоски, која неодамна излезе од печат во издвачката куќа „Авант прес“ од Скопје, ќе се одржи во Младинскиот културен центар во Скопје, во галерискиот простор, на 01.10.2019 (вторник), со почеток од 20 часот. Книгата ќе ја промовира проф. д-р Александар Прокопиев.

Владимир Мајаковски е еден најистакнатите поети на новата советска држава. Роден е на 19 јули 1893 година, во грузиското село Багдади. Иако никогаш не се оженил, тој бил во долга вонбрачна врска со неговата голема љубов и поетска муза, Лилја Брик. На почетокот од кариерата им припаѓал на футуристите, но подоцна со восхит ги прифатил идеите на Октомвриската револуција. Поради своите револуционерни идеи, во 1909 година, Мајаковски одлежал неколку месеци во ќелијата број 103, во Бутирскиот затвор во Москва. Така, во почетокот на 1920-тите, Мајаковски носел знамиња за време на првите саботници (доброволни работни акции во саботите) кои се организирале за време на Новата економска политика, а пишувал и рекламни пароли за големите московски стоковни куќи, „ГУМ“ и „Москвопром“. Одредено време работел во руската телеграфска агенција „Роста“

Делото „Владимир „Волоѓа“ Мајаковски“ најде свој никулец во младешкиот интерес на авторот за ликот и творештвото на Мајаковски, уште при изработката на неговата матурски труд во далечната 1997 година, но главниот мотив за изработката на ова монграфско дело, кое беше сработено во текот на 2018 година, беше потребата да се одбележи 125-годишнината од раѓањето на овој грандиозен поет и мултимедијален уметник чии дела треба да се гледаат со временска дистанца од онолку години колку што антиципирале и со адекватен сензибилитет. Издавањето на книгата, пак, коинцидира и со 30-годишнината од падот на Берлинскиот ѕид, нешто што би значело и пораз на надежите на одамна „испарениот“ поет. Овие два јубилеи прават чуден спој.

Aлександар Маркоски е Роден во Скопје, 1978 година. Докторирал на правни науки во 2018 година. Работи како јавен обвинител во Основно јавно обвинителство – Скопје. Воедно е и предавач на МИТ универзитетот како насловен доцент. Поранешен член (1995-1996) на литературниот и ликовниот кружок „КО – РА“ во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје.
Автор на неколку стручни книги: „КУЛТУРАТА НА ЗАСТАРУВАЊЕТО ВО КАЗНЕНОТО ПРАВО“, (Магор, 2014); „ЗА ПРОПОВЕДТТА, ОМРАЗАТА И СЛОБОДИТЕ – Дискурс кон казнените дела од верска омраза“, (Авант Прес2017); „СРДБА И КАЗНА – Омнисциенција за криминалитетот од омраза“, (Авант прес, 2018) и ко-автор на прирачникот: „КАЗНЕНОПРАВНАТА МЕЃУНАРОДНА СОРАБОТКА ВО РМ“, (ОБСЕ, 2016).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.