Во издание на „Или – или“, деновиве излезе од печат книгата „Маалски прикаски (1+2)“ на новинарот Синиша Станковиќ.
Во книгата која содржи 65 прикаски (или, како што ги нарекува авторот, „белешки на Случајниот Минувач, подготвени како мезе за муабет, во семејното бифе ‘Носталгија’“), се објавени и дваесеттина фотографии на тема „Маалски прикаски“, на познатите македонски фоторепортери: Ѓорѓи Личовски, Огнен Теофиловски, Роберт Атанасовски, Томислав Георгиев, Борис Грдановски, Наке Батев, Маја Златевска, Андреј Гиновски и Радован Вујовиќ.
Промоцијата на седмата книга на Станковиќ ќе се одржи во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар (МКЦ), во среда, на 26-ти јуни, во 20.00 часот.
Како што во најавата за промоцијата, напиша авторот, „за и околу книгата и нашите маала (со мало фаворизирање на Карпош-ите) ќе муабетат, читаат/пеат: д-р Калина Малеска, актерот Драган Спасов Дац, музичарите Петар Ренџов и Ристо Самарџиев, сè според ‘старите добри маалски правила’: дружба, муабет, музика од ‘нашите времиња’, бифе со ниски цени…“
Книгата им е достапна на читателите во книжарницата на „Или – или“ во центарот на Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.