„Луѓенца“ е наслов на новата книга, збирка раскази од Лилјана Пандева, која ќе ја има својата промоција на 17 мај (18 часот), во Култ парк (пред КИЦ – Скопје).

Книгата е составена од седумнаесет раскази коишто обработуваат теми од секојдневниот живот на еден урбан простор, поточно на Скопје. Но, темите се само подлога за стожерот на секој расказ, а тоа е обичниот, секојдневен, незабележителен човек кој е тука околу нас, но никој не му обрнува внимание. Во оваа збирка Пандева ја преточува сета своја умешност во создавањето, односно во пресликувањето на реалноста во фикција и обратно. Книгата ќе ја промовира Владимир Мартиновски, модераторот е Јулијана Величковска-Димоска, а делови од книгата ќе чита авторката.

Пандева е автор на: „Новогодишни едночинки“ – книга за деца, на поетската збирка „Љубов од А до Ш“, на збирката раскази „Канцелариски колумни“, на романите „Од агендата на Калина Калин“, „Возовите на Луцерн“ (преведени на германски), „Доилката“ (добитник на наградата за најдобро прозно остварување „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија за 2016, преведен на српски и на руски јазик). Нејзино прозно остварување е и книгата „Дневници на една љубов“ (2019). Во 2020 г., го објави романот „Два Божика“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.