Книгата „Јазикот е чудна ѕверка“ на Марина Костова, ќе има промоција вечерва од 20 часот во кафе-книжарницата Буква во Скопје. Промоцијата ќе биде во вид на разговор меѓу културологот д-р Дарин Ангеловски и авторката.

„Јазикот е чудна ѕверка“ е хибридна збирка со куси лични истории, рецензии и есеи, во издание на „Или-Или“. Конципирана е како флуиден текст кој, иако преоѓа од еден во друг жанр, за заеднички именител го има пишувањето како алатка за уживање во зборот односно јазикот. Личните истории имаат формат на куса проза во која се прожима носталгично доживување на урбан живот во Скопје во распон од речиси 50 години. Рецензиите за филм анализираат домашни и странски дела во распон од 20 години, но исто како и рецензиите за медиуми и есеите, во суштина го истражуваат духот на совремието, општествените промени и нивното промислување.

Кога ги ставив сите зборови на куп, сфатив дека мојата љубов кон пишувањето и кон зборот е она што ги поврзува овие различни текстови: прозни цртички, сеќавања, есеи, рецензии, интервјуа, теоретски размислувања, афоризми, поезија. Меракот за текст е она што ги спојува различните делови во збирката, вели Костова.

Дизајнот на корицата е на германскиот уметник Ангел Паневски, а поговорот е на Милчо Манчевски.

Марина Костова е наградувана новинарка и филмска критичарка. Таа е заменичка-главен уредник и членка на основачкиот состав на Дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК (www.sdk.mk). Авторка е на монографијата „Манчевски“ и на книгата „Дожд, светот за Пред дождот на Милчо Манчевски“, кои како македонски артефакти се достапни во над 120 национални и универзитетски библиотеки во светот. Претседателка е на Националната секција на Меѓународната федерација на филмски критичари – ФИПРЕСЦИ.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.