На 7 јуни, понеделник во 20 часот на платото пред Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје ќе се одржи промоцијата на најновата книга  на Александра Јуруковска „Две минути и четириесет реда“, издание на ПНВ Публикации од Скопје (2020година).

За делото ќе говори Соња Стојменска Елзесер, а модератор ќе биде Јулијана Величковска

Книгата „Две минути и четириесет реда“ содржи осврти, критики и рецензии пишувани во еден долг временски период од петнаесетина години.

Во основа, секој од овие текстови ја следи линијата на пишување критика за специфичен медиум – за радио или за весник, односно, за специјализирани книжевни списанија или веб-страници.

Оттука, нивното обединување во книга е следење на одреден континуитет во пишувањето текстови за критиката, што важи за не многу популарен жанр кај нас, а во неа, пак, уште послабо застапениот поим на новинска или радиокритика.

Делот „Две минути“ содржи избор текстови за радиоосврти и радиопретставувања пишувани и емитувани на фреквенцијата на Македонското радио – Радио Скопје, во периодот од 2003 до 2008 година, во рамките на авторската рубрика „Книга-фаворит“. Просечното траење на секој прилог беше две минути. Овој преглед е мал избор од тие радиоосврти.

Текстовите поместени во вториот дел од книгата – „Четириесет реда“, се новинска критика. Дел од нив се објавувани во дневниот весник „Дневник“, кога тој постоеше и имаше рубрика за култура, па дури и посебен подлисток за литература. Другиот дел од текстовите, пак, се објавувани во специјализирани списанија за литература и култура, веб-страници и магазини, а сосема мал дел од текстовите се напишани како промотивна реч за одредени автори, книги или зборници и манифестации.

Текстовите ги следат стилските обележја на новинската критика, на згуснатиот новинарски израз, пишувани се во јасен стил и на разбирлив јазик, и наменети се за поширока публика.

Александра Јуруковска

Јуруковска е родена 1981 година во Скопје. Дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ − Скопје. На истата катедра во 2012 година магистрира со труд од областа на интердисциплинарните односи на книжевноста и медиумите.
Од 2001 година работи како новинар и уредник во културните и информативните редакции на повеќе медиуми во Македонија.  Во моментов е уредник на Редакцијата за култура на Алфа ТВ.
Нејзините новинарски текстови, рецензии и есеи за литература и театар се објавувани во сите позначајни специјализирани списанија и магазини за култура и литература во Македонија. Учествувала на повеќе конференции и научни дискусии од областа на културата и медиумите.
Од 2008 до 2015 година објавува критики за современата македонска литература во дневниот весник „Дневник“. Нејзината прва книга „Ткаење на текстот“ (Силсонс, 2014) е избор од тие текстови. Книгата „Медиумскиот егзил на книжевноста во македонската култура“ (Авант прес, 2018) е интердисциплинарна студија за третманот на културата во македонските медиуми.

Член е на Друштвото на писателите на Македонија и на редакцијата на гласникот „Стожер“ – гласникот на ДПМ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.