„Две минути и четириесет реда“ е насловот на книгата од авторката Александра Јуруковска што ќе се промовира денеска на платото пред Младинскиот културен центар. Книгата е збирка од радио-критики и новински критики пишувани во период од петнаесетина години за весници, списанија и портали.

Поделена е на два дела. Во првиот „Две минути“, се собрани избрани текстови за радиоосврти и радиопретставувања пишувани и емитувани на фреквенцијата на Македонското радио – Радио Скопје, во периодот од 2003 до 2008 година, во рамки на авторската рубрика „Книга-фаворит“.

Вториот дел “Четириесет реда“ и се посветени на новинската критика. Дел од нив се објавувани во дневниот весник „Дневник“, кога тој постоеше и имаше рубрика за култура, па дури и посебен подлисток за литература. Другиот дел од текстовите, пак, се објавувани во специјализирани списанија за литература и култура, веб-страници и магазини, а сосема мал дел од текстовите се напишани како промотивна реч за одредени автори, книги или зборници и манифестации.

Јуруковска е родена 1981 година во Скопје. Дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ − Скопје. На истата катедра во 2012 година магистрира со труд од областа на интердисциплинарните односи на книжевноста и медиумите. Од 2001 година работи како новинар и уредник во културните и информативните редакции на повеќе медиуми во земјава.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.