„Дијалози во еднина – разговори што можеби се случиле и што можеле да се случат“ од Ана Стојаноска во издание на „Култура“ ќе биде промовирана вечер од 19 часот на Факултетот за драмски уметности.

Авторката изјави дека се работи за книга-експеримент, обид да напише нарација без нарација, само со помош на дијалози. Дијалозите се читаат низ три циклуси – Сонце, Сон и Месечина, кои се поставени како загатка пред читателот.

Помеѓу разговорите има кратки зборовни игри што ја досоздаваат приказната. Читателот е оставен да ги слуша/чита разговорите и сам да учествува во нивната динамичност. Играта на авторката со потенцијалните читатели се гледа и во начинот на кој приказната се отвора со секоја страница што следува, вели Стојаноска, која е театролог, писателка и професорка на ФДУ.

Ова е прва ваква книга во македонската книжевност, која истовремено дозволува секој читател сам да си ја создава приказната. Според авторката, книгата се чита лесно, жанровски не припаѓа никаде и истовремено самата книга е сопствен жанр.

Д-р Ана Стојаноска дипломирала Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во 2001 година. Постдипломските студии по театрологија ги завршила на ФДУ, каде што магистрирала во 2003 и докторирала во 2007 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.