Вечерва, со почеток во 19 часот, во малата сала на Македонскиот народен театар во Скопје ќе се одржи промоција на изданија на Институтот за македонска литература, годинешен добитник на високото признание, наградата 13 Ноември на град Скопје.

На средбата ќе бидат промовирани четири изданија на Институтот за македонска литература, кој неодамна го прослави својот јубилеј, 40 години од своето постоење. Станува збор за научните дела „За песните и приказните“ од Наташа Аврамовска, „Магичен реализам: нова објективизација на стварноста“ од Јасмина Мојсиева – Гушева, „Античката литература во македонската културна средина (културно-општествени и преводни аспекти)“ од Дарин Ангеловски и „Од Прличев до Конески“ од Славчо Ковилоски.

За особеностите и вредностите на овие книги промотивни излагања ќе имаат Лорета Георгиевска Јаковлева, Соња Стојменска Елзесер, Елена Џукеска и Марина Цветаноска, а модератор на средбата ќе биде Елена Кузманов.

Организаторите напоменуваат дека промоцијата ќе се одржи со почитување на пропишаните мерки за заштита од Ковид-19.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.