Во паркот пред КИЦ-Скопје на 9 јуни, со почеток од 12:00 часот ќе се одржи промоција на книгата „101 живот” од Весна Мојсова Чепишевска. Книгата ќе ја промовираат Кристина Николовска и авторката, а музичка изведба ќе има Нико Ѓоргески.

Во ова наше ‘ново’ време ‘101 живот’ повторно станува исклучително книжевно доживување бидејќи се обидува да го разгори оганот за пишување писма, но и да си поигра со самиот жанр и храбро да се потпише како ‘роман’ во писма! Весна Мојсова-Чепишевска и Елена Атанасиу преку електронските писма, преку дописките, преку пораките напишани на мобилниот телефон успеваат да раскажуваат, опишуваат, ослушнуваат, чувствуваат, сакаат, уживаат, тагуваат, болуваат/боледуваат, патуваат, (се) образуваат… и едноставно да создаваат приказни, колку свои, толку и туѓи, други, ќе посочат од КИЦ.

Мојсова Чепишевска е универзитетски професор, критичар, есеист, антологичар, автор на 7 книги книжевна критика и есеистика, и (ко)приредувач на 7 антологии, од кои пет во странство.

Промоцијата ќе се реализира со дистанца и заштитни маски на посетителите, учесниците и организаторите, а настанот ќе се пренесува во живо на фб страната на КИЦ-Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.