На 29 октомври (четврток), со почеток од 20 часот во МКЦ ќе се одржи промоција на новата поетска книга од Владимир Мартиновски.

Владимир Мартиновски (1974) пишува поезија, проза, есеи и книжевна критика. Автор е на десетина книги поезија, исто толку книжевно-есеистички книги, четири книги куси прози и раскази, како и на две книги за деца. Неговата поезија е преведена на дваесетина јазици. Добитник е на неколку книжевни награди. Се занимава и со музика.

Разговорот со авторот ќе го води Николина Андова – Шопова.

Во поговорот на најновата поетска книга на В. Мартиновски, Оливера Ќорвезироска, меѓу другото, истакува:

„101 сонет од една чудна пролет“ е несекојдневна збирка песни за песните, поезија заседната дома, во поетскиот занает. Преклопувањето на карантинот на луѓето (поетот) со карантинот на поезијата (автореференцијалната песна) се творечкото кредо на оваа збирка. Таа е претворање на врвното непоетско околу нас во врвно поетско за нас и во нас; вистински дар, најубавото лице на долгото седење дома пролетта на 2020 година. Сонетите не се непознати за поетското творештво на Мартиновски, но, сепак, цела збирка исклучиво со толкав голем и провокативен број сонети е вистински подвиг. Најзабележлива карактеристика на збиркава е удвоеноста на песните, спарувањето, дихотомноста. Речиси сите песни имаат свој парник, најчесто контрастен или само огледално обратен, утешителен или ризичен… Независно каков е односот на сонетите во диптисите, сметам дека најважното е тоа што секој сонет сам по себе функционира како грамофонска сингл-плоча со А и Б страна. Тоа е многу повеќе од поетски (и музички) шарм, тоа е апотеоза на дуалноста, на двете лица на секое нешто, на денот и ноќта, на лошото и доброто…”

Книгата е во издание на Кликер.

Настанот ќе биде реализиран согласно протоколите за организирање настани во затворен простор. Бројот на посетители е намален, носењето маски е задолжително за време на целиот настан.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.