В среда, на 25 септември во 20 часот во Кинотека ќе се одржи Вечер посветена на Стефан Сидовски – Сидо (1946 – 2019).

Како што соопштија од Кинотека, ќе биде поставена плочка со неговото име на неговото омилено столче во киносалата, а на присутните ќе им се обратат и неколку негови пријатели.

Ќе бидат прикажани неколку филмови на Сидо, како и краткиот документарен филм на Тамара Котевска, насловен СИДО (нејзин испитен филм по предметот Филмска и ТВ Режија на Факултетот за драмски уметности во траење од 20 минути), како и неколку досега необјавени видео-материјали за професорот.

Стефан Сидовски – Сидо почина на 72-годишна возраст на петти јули годинава. Тој беше омилениот професор по филозофија од гимназијата „Корчагин“, и мајстор на аматерскиот филм. Сидовски беше култен градски лик без кој не можеше да се замисли ниту една филмска и театарска премиера, најредовен посетител на Кинотеката, целосно посветен на филмот и како автор и како едукатор.

Тој 36 години беше професор во гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“ во Скопје, а предаваше и како вонреден професор по историја и теорија на филм во ЕСРА.

Стефан Сидовски е роден на 3 октомври 1946 год. во Скопје. Студира филозофија, а естетика слуша кај професорите д-р Павао Вук Павловиќ и д-р Георги Старделов. Во 1973 год. се вработува во гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин”. Во 1995 година магистрира со трудот „Естетската суштина на филмскиот кадар”, а во 2001 год. докторира на тема „Естетиката и дијалектиката во монтажата на филмот”. Уште од гимназиски денови се занимава со аматерски филм, прво самостојно, а потоа, како член на киноклубот „Камера 300″. Од 1975 е член на „Академски кино клуб”. Го носи звањето „Мајстор на аматерскиот филм”, највисоката титула што ја доделува Кино сојузот на Македонија. Со своите филмови учествувал на многу меѓуклупски и меѓународни фестивали на кои бил наградуван, а некогаш и забрануван.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.