Проектот „Сега“ на група архитекти на чело со Бекир Адеми ќе биде претставен на 20 мај на 17. Биенале на архитектура во Венеција.

„Сега“ е проект на проектантското биро „Бина архитектура“ на Адеми со групата коавтори Ана Рафаиловска, Јордан Шишовски, Амине Адеми, Енис Абовски, Енес Север, Дрен Невзати, Атанас Наумовски, Гаврил Бошковски, Елмедина Хасани, Нита Чаволи, Аида Бакали Салиху, Ивана Чаловска.

Комесар на проектот е Дита Старова-Ќерими, директорка на Националната галерија на Македонија, куратори се Бекир Адеми и Јордан Шишовски, а соработници се професорот Ферид Мухиќ и Рамуш Муарем, додека покровител на изложбата е Министерството за култура на Македонија.

17-тата меѓународна изложба на архитектурата оваа година ќе биде претставена од 22 мај до 21 ноември, нејзин куратор е архитектот со либанско потекло, Хашим Саркис. Хашим Саркис е декан на Факултетот за архитектура и планирање на Технолошкиот институт во Масачусетс (МИТ) од 2015 година.

Со 61 национално учество, Меѓународната изложба на архитектура под наслов „Како ќе живееме заедно?“ организирана од Ла Биенале ди Венеција/Венециско биенале ќе биде изложена во Џардини, Арсенале и Форте Маргера. Инаугуративната церемонија ќе се одржи на 22 мај 2021 година (сабота).

Биеналето оваа година вклучува 112 учесници од 46 земји, со делегации од Африка, Латинска Америка и Азија и со широко женско претставување.

Македонија во континуитет веќе деветти пат се претставува на оваа најпрестижна манифестација, од 2004 година.

Проектот денеска на прес-конференција во Даут пашин амам го претставија Адеми, Шишковски, Старова-Ќерими и министерката за култура Ирена Стефоска.

Во однос на инспирацијата за насловот „Сега“, Адеми рече дека темата има повеќе димензии, една од тие е секако техничката, знаејќи ги сите случувања на глобално ниво и стремежите кон подобрување на ситуацијата, особено сегашната ситуација

Одговорот едноставно беше, доколку треба да се преземе некоја мерка, тоа е сега. Значи, само сега можеме да преземеме каква било мерка, рече Адеми.

По ланското одложување на 17-тото издание на Фестивалот на архитектура, една година потоа во процес на креирање на нова реалност, во услови на изолација и дистанца, излегување од локалното опкружување, надвор од границите, претставува голем исчекор напред, и обид за враќање назад во нормални текови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.