Денес (23 јануари 2020 година),  во Кино Одеон – Софија, со почеток од 18:30 часот, ќе биде прикажан филмот „Манаки – приказка во слики“ од Роберт Јанкулоски.

По успешното претставување на Роберт Јанкулоски во Софија со своја фотографска изложба минатата година, како и заради интересот на публиката прикажувањето на филмот да се случи уште еднаш во Софија, авторот ќе пристигне за проекцијата на својот филм и пред гледачите во Кино Одеон ќе го претстави своето и делото на браќата Манаки.

Продуцент, режисер и кинематографер е Роберт Јанкулоски, сценариото е на Илинденка Петрушева и Роберт Јанкулоски; монтажа – Блаже Дулев; музика – Горан Керкез; дизајн и звук – Дарко Спасовски.

Филмот ја прикажува фотографската работа на Јанаки и Милтон Манаки, првите балкански кинематографери. Со текот на годините Браќата Манаки се митологизирани, а додавањето на нови и непотврдени информации со цел да се зголеми нивната важност е непотребно и штетно, бидејќи нивното творештво и онака е од големо културно значење не само во Македонија, туку и во поширокиот балкански контекст. Поради оваа причина, секој факт и мислење презентиран во филмот Манаки – приказна во слики се внимателно истражени и потврдени со презентирани артефакти. Приказната се раскажува преку оригинални документарни фотографии следејќи ја нивната работата од отворањето на првото професионално студио во 1898 година во Јанина и подоцнежното селење во Битола, сега познат како град на браќата Манаки.

Настанот се реализира во соработка со Бугарската национална филмотека, со помош на КИЦ на Македонија во Софија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.