Во Кинотека на летната сцена „Мирно лето“, во четврток во 20.30 часот, со проекција на концертот „Раде Шербеџија & Западни колодвор бенд @ ХНК Загреб“, продолжува циклусот „Концерти во Кинотека со Croatia Records“, кои оваа установа ги реализира во соработка со најголемата дискографска куќа во регионот, „Croatia Records“.

Според Кинотеката, додека животот во времето на т.н. светска „пандемија“ навидум се враќа во некоја „нормала“, а концертната сезона полека заживува, овој циклус со „Croatia Records“на скопјани, и на сите кои ова лето го поминуваат во градот, им нудат нешто проверено, убаво и ексклузивно.

Концертот на Шербеџија, докажан светски актер и музичар, вљубеник во Македонија, претставува врвно аудио-визуелно остварување. На концертот во ХНК, Раде, заедно со бендот „Западни колодвор“ изведе 21 песна, меѓу кои и култната „Не дај се Инес“ на Арсен Дедиќ, потоа „Остала си увијек иста“, „Чекај ме (Сеќавање на Есенин)“, „Барбара“, „Имам пјесму за тебе“, „Не марим да пијем“…, како и „Мени се душо од тебе не растаје“, создадена од перото на Џони Штулиќ, наведуваат од Кинотеката.

Концертот во ХНК беше одржан на 3 ноември 2019-та. Заедно со Шербеџија на сцената на ХНК таа вечер беа и: Антун Сташиќ (виолина, вокал), Ранко Пуриќ – Кампи (бугарија), Марјан Крајна (хармоника), Дарио Хлеб (електричен бас, контрабас), Пере Иштванчиќ (мандолина, тамбурица, вокал), Јура Врандечиќ (контрабас), Бранко Богуновиќ – Пиф (гитаре), Луција Јелушиќ и Ивона Шимуниќ (придружни вокали). Меѓу гостите се појавија: Влатко Стефановски, Дамир Урбан, Мими, Матеј Мештровиќ и Јуре Иванушиќ.

Стартот на проекцијата е во 20:30 часот. Доколку во четврток заврне, настанот од летната сцена на Кинотека се преселува во внатрешноста на оваа установа, а влезницата е повеќе од симболична (100 денари).

Следниот четврток, на 22-ти јули, во рамките на циклусот ќе биде емитуван концертот на Амира Медуњанин во пулската Арена.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.