Министерот за култура Хусни Исмаили синоќа во рамките на Меѓународниот форум за културна соработка во Санкт Петербург оствари работна средба со својот колега, министерот за култура на Руската Федерација, Владимир Медински, соопшти Министерството за култура.

На средбата министрите разговарале за досегашната успешна соработка во делот на културата меѓу двете земји, која досега резултираше со реализација на повеќе квалитетни содржини како пред руската така и пред македонската публика.

Исмаили го информираше рускиот министер дека неодамна голем интерес кај македонската јавност предизвика изложбата „100 раритети на руската државност“. Тој додаде и дека изложбата, која беше отворена во Музејот на македонската борба, претставува потврда за длабоките врски на Русија со словенските земји, но и го потврдува пријателството меѓу нашите две држави. Истовремено, беше истакната и соработката во рамките на УНЕСКО, како и во рамките на Меѓународната фондација „Форум на словенските култури“, преку која се реализираат заеднички проекти и активности со кои се зачувуваат културните традиции на словенските народи.

Министрите Исмаили и Медински изразија уверување дека пријателските односи меѓу нашата земја и Руската Федерација и во наредниот период ќе придонесат за продлабочување на релациите во областа на културата со уште понагласена динамика, соопшти Министерството.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.