Во рамките на годинашните „Прличеви беседи“, денеска во Центарот за култура, на познатиот писател, поет и сценарист Стево Симски свечено му беше врачена Повелбата за најдобра поема за 2019 година, за неговото дело „Таинство на богомилите“.

Ми причинува особена чест и задоволство, во името на Општина Охрид, на лауреатот на наградата „Григор Прличев“ за најдобрата поема „Таинство на богомилите“  за 2019 година,  Стево Симски да му го честитам ова високо признание и да му посакам многу творечка енергија и нови книжевни рожби. Најискрени честитки и до сите учесници на оваа важна културна манифестација со која на достоинствен начин, секоја година го одбележуваме ликот и делото на големиот Григор Прличев, рече претседателката на Советот на општина Охрид Живка Ангелоска.

Со секоја нова поема, секоја година творците го збогатуваат фондот на оваа литературна форма и чекорат по патот на Вториот Хомер, добитникот на Ловоровиот венец за најдобра поема на конкурсот во Атина, охриѓанецот Григор Прличев. Тој е најмаркантната фигура на македонската преродба од 19-от век, човекот, кој со своето дело и мотото „совршенство или смрт“ жестоко им се спротиставуваше на сите оние кои во тие бурни времиња сакаа да и наштетат на Македонија.

За поемата „Таинство на богомилите“ од  Стево Симски, жири комисијата во образложението ќе напише „исказот е лирски сугестивен и хармоничен, напати спокоен и мирен, но и згуснато сензитивен, метафоричен, со посредство на кој се гради дејствие во навидум спокоен од, но истовремено пронижан со интензивната динамика на случувањата“. Тоа се стручни оценки кои потврдуваат дека не случајно, поетот, раскажувач, писател за деца и сценарист Симски по 20 години повторно е награден на истиот конкурс за најдобра поема.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.