Продолжува серијата на презентации посветени на македонските визуелни уметници во Кафе книжарница „Буква“. Денеска (четврток, 17.06.2021) со почеток во  20 часот ќе биде претставен Оливер Мусовиќ.

Во текот на последните години бевме сведоци на недостаток на континуитет или структурирана историографија што ја следи и третира македонската визуелна сцена. Многу наши уметници имаат многу богата продукција и под многу тешки услови успеваат да ги изложат своите дела на релевантни изложби дома, во Европа и светот. За жал, поради системското занемарување на институциите и медиумите, нивните дела и успеси не се доволно презентирани пред пошироката јавност. Оттаму, сметавме дека преку овие презентации и разговори во живо со истакнати автори ќе успееме во поголема промоција како и генерацископоврзување што ќе помогне во воспоставувањето на континуитет и интензивирање на дијалогот на локалната уметничка сцена. Во рамките на 10-те предавања/презентации, уметниците ќе направат преглед на своето творештво илиќе претставатизбор од своите најрепрезентативни проекти.
Оваа програма ја реализираме преку избор на 10 уметници од различни генерации, кои континуирано се присутни на уметничката сцена и за кои сметаме дека со своите дела, темите кои ги обработуваат, и авторскиот интегритет се релевантни до денес.

Разговорите ќе бидат модерирани од историчарот на уметност и куратор, Владимир Јанчевски, велат од „Јадро“ кои се организатори на овој настан.

Серијата на презентации на македонски уметници ја продолжуваме со преглед на творештвото на визуелниот уметник Оливер Мусовиќ, дела кои се изложувани во земјата и странство од крајот на 1990-те години до денес. Овој период во светот но и кај нас се поклопува со низа драматични случувања и радикалната промена на општествениот модел, како и актуелизирањето на идентитетските прашања одразени низ сложениот однос на личните и колективни наративи.

Преку преглед на делата создавани во oвој подолг временски период, опфаќајќи различни тематски преокупации, фази и извори на инспирација, авторот ќе направи обид на публиката да и доближи неколку од неговите позначајни проекти, како што се „Минимаркет“ (Отворено графичко студио, 1997/98), „Соседи“ (МСУ, 2002), „Претседателска палата“ (МСУ, 2003), „Знамиња“, како и контекстот во кои тие се настанати.

Мусовиќ е автор чии дела се резултат на специфичен метод на опсервација и пристап на уметник-антрополог, со препознатлива студиозност во истражувањето на концептот на идентитетот во тесна врска со непосредниот животен простор и секојдневието. Негов примарен медиум е фотографијата, која е основниот елемент на неговите инсталации кои се придружени со комплементарни текстуални. Мусовиќ со исклучителна смисла за хумор и автореференцијална иронија создава дела кои се фокусираат на баналното секојдневие, на локалната историја и маалските приказни и ситуации, поаѓајќи од конкретното и партикуларното, а притоа открива важни аспекти за животот во заедницата, за навиките на луѓето, за меѓучовечките односи и општествените релации.
Во разговорот ќе стане збор и за некои позначајни меѓународни групни изложби одржани во Скопје, како „Лаф Муабет“ од 2001 година, потоа за претставувањата на значајни уметнички манифестации како Биеналињата во Истанбул, Солун и Букурешт, бројните резиденцијални престои. Неодминлива е и неговата улога и учеството во активностите на уметничката Иницијатива КООПЕРАЦИЈА во периодот од 2013-2015 година, а секако и најновите проекти како он-лајн изложбата „Урбани шуми“ (2020).

Делата на Мусовиќ се вбројуваат меѓу амблематичните дела на современата македонска уметност по 2000 година,со значаен придонес во развивањето на критичка свест и преиспитувањето на улогата на уметноста во современиот контекст, а темите кои и обработува и начините на кои ги конципира и формулира се релевантнии актуелни и денес.

Оливер Мусовиќ (Скопје, 1971)
Визуелен уметник кој живее и работи во Скопје. Дипломирал (1997) и магистрирал (2004) на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.
Самостојно изложувал во Македонија, Швајцарија, Словенија, Србија, Австралија и Црна Гора.
Учествувал на многубројни групни изложби, меѓу кои позначајни се „Солидарност – Сега повеќе од кога било“, Вајмар, 2019; „Последици – Промени на културниот пејзаж, Тенденции на ангажираната постјугословенска современа фотографија“, Љубљана и други градови, 2012-14; „Историја, меморија, идентитет: Современа фотографија од источна Европа“, Модена, 2009; Букурешкото биенале, 2008; Солунското биенале, 2007; „Во балканските клисури“, Касел, 2003; Европското биенале на современа уметност „Манифеста 4“ во Франкфурт, 2002; и Истанбулското биенале, 1999.
Учествувал и на неколку резиденцијални престои, меѓу кои и Вајмар, 2018; Брно, 2017; Женева, 2016; Сеул, 2014; Њујорк, 2006.
Негови дела се застапени во повеќе јавни колекции како Фондацијата Каза ди Риспармио ди Модена; Neuer Berliner Kunstverein, Берлин; Народен музеј на Црна Гора, Цетиње; Модерна галерија/Музеј на современата уметност, Љубљана; Музеј на современата уметност, Скопје.
Неговите дела се објавувани во повеќе публикации – прегледи на современата уметност од најзначајните светски издавачи на уметничка литература, како „Autobiography“ (Thames and Hudson, 2004), „VitaminPh – New Perspectives in Photography“, (Phaidon, 2006), „Photo Art, Photography in the 21st. Century“ (Aperture, 2008).
www.olivermusovik.tk
[email protected]

Владимир Јанчевски(1984, Скопје)
Дипломирал на Институтот за историја на уметноста (Филозофски факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје), каде што паралелно со постдипломските студии работел како демонстратор по предметите Современа уметност и Современа македонска уметност(2009-2011).
Од 2004 година организирал, курирал и учествувал на многубројни настани, групни изложби, колаборативни проекти, предавања и јавни дискусии во земјата и странство. Бил член на јадрото на уметничката иницијатива „Кооперација“ (2012-2015).
Од 2011 година соработува со Центарот за визуелни студии – Скопје (дел од Европската мрежа за визуелна култура – VCinE) и учествувал на неколку меѓународни конференции.
Автор е на повеќе од 50 текстови за современа уметност и визуелна култура. Се интересира за интердисциплинарни уметнички практики и теорија на сликата, ангажирана уметност и интервенции во јавен простор, иконокластички акти и визуелни конфликти.Во 2019 година добитник е на наградата за развој на ликовната критика „Ладислав Баришиќ“ доделена од Здружението на ликовни критичари АИКА – Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.