Денешниот фестивалскиот ден на „Браќа Манаки“ започна со претставувањето на жирито кое ќе одлучува за добитниците на наградите Златна, Сребрена и Бронзена камера 300.

Годинава членови на жирито се: Ед Лакман, Калојан Божилов, Доминик Велински, Фејми Даут и Ненад Дукиќ и како што можете да забележите доминираат кинематограферите, рече при претставувањето на жирито, селекторот на главната програмата на Фестивалот и уметнички директор, Благоја Куновски – Доре.

За впечатоците и досега погледнатите филмови, како и за критериумите на нивните за одлуки при изборот на трите најдобри остварување во главната конкуренција тие беа согласни дека не може да се издвојат сликите од содржината.

Критериумот за доделување на секоја награда е тешко да се одреди бидејќи е тешко да се одделат сликите од самата содржина на филмот. Кинематограферот може да создаде поетични или автентични слики кои раскажуваат приказна, но ако изостанува актерството тоа ќе се изгуби. Значи сепак ја гледате големата слика. Сте избрале силни филмови и изборот ќе биде тежок, но нема да има влијание од тоа што голем дел од филмовите се наградени во Кан или во Берлин. Затоа е важно да има фестивал од овој тип бидејќи се дава признание конкретно за начинот на кој што ја раскажувате приказната. Проблемот со Оскарите, барем за камерата е што 80 проценти од Академијата се актери и тие не разбираа реално што е камера. Тие гледаат само убави слики. Не разбираат дали е дигитализирано и затоа филмот како „Пи“ и „Аватар“ на Камерон добија награда за најдобра камера, а тие се целосна анимација, рече Лакман, кој е и претседател на жирито.

Според членовите на комисијата ако нема добра соработка со актерите и режисерите, тогаш нема ниту финален резултат и рекоа дека ќе се обидат да дадат се од себе да го препознаат квалитетот на добрата слика во најдобрите филмови.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.