Претставата „Разведи ме/Две нијанси црвена“ во режија на Роберт Ристов вечерва во 20 часот ќе гостува во Културно-информативниот центар – Скопје (Салон 19:19). Романтичната комедија на еден експлицитен начин, без непотребни цензури, се бави со причините кои најчесто знаат да доведат до распаѓање на бракот. Ситуациите што се третираме во претставата ќе ве натераат да погледнете на работите од поинаква перспектива и да ги преиспитате своите ставови околу одредени прашања кои многу често си ги поставувате на себе во дијалогот што го водите пред огледало.

Дали љубовта кон себеси го намалува интензитетот на сакањето на партнерот? Каде е границата? Дали треба безрезервно да му се верува на партнерот? Дали доколку постои неверство, мора да се запечати со развод? Дали простувањето на неверството е вистинскиот чекор со кој ќе ги спасиме бракот и љубовта во која сме вложувале со години? Дали по неверството сме засекогаш „оштетени“ луѓе кои никогаш повеќе нема да умеат искрено да сакаат и да веруваат? Дали вреди да се продолжи бракот заради децата? Како можеме да го процениме квалитетот на врската/бракот? Дали љубовта е „прекинувачот“ за нашата среќа?

Драматизацијата е на Роберт Ристов, а ја работеше по мотиви на урбаните сценарија: „Ожени ме“, „Развод“, „Заедништво“, „Храна и љубов“ и „Брачна приказна“.

Во претставата „Разведи ме“ во улогите на брачните партнери на сцена ќе играат Мирјана Поповска Ристов и Роберт Ристов, а во снимените видеа играат актерите Зорица П. Панчиќ (како Марта), Љубиша Савановиќ/гостин од БиХ (љубовникот) и Благоја Чоревски (таткото). Зад режијата, сценографијата и изборот на костими за оваа претстава е потпишан Роберт Ристов. Кореографијата е на Марија Бејкова.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.