Во Театар Куманово, денес, на 26 септември, во 20 часот, ќе се изведе претставата „Лето во кое те нема“ во режија на Драгана Гунин, која е подготвена според истоимениот роман на Петар Андоновски.

„Лето во кое те нема“ е претстава за љубовта, за пријателството, но и празнината што ја оставаат љубовта и пријателството. Бојан, Владо и Иван не се само обични пријатели, нивното пријателство се развива во љубовна тројка сè до мигот кога Иван ќе одлучи да ги напушти. По неговото заминување Бојан и Владо се соочуваат со празнина која се одразува и на нивниот однос.

Претставата е приказна за соништата, за кошмарите, за патувањето назад во минатото, за внатрешните борби со кои се соочуваат ликовите, за преиспитување на животот и за истрајноста во барањето на вистината.

Во неа играат Марко Трајковиќ, Марко Богдановски, Ангела Стојановска и Игор Трајковски. Драматизацијата е на Ева Камчевска, музиката на Гала Насева, a костимографијата е на Ивана Цветковска.

За романот „Лето во кое те нема“ Петар Андоновски ја доби наградата „ПЕН преводи” кој ја доделува Англискиот ПЕН центар.

Инаку, претставата која премиерно беше прикажана на 21 септември, а во меѓувреме имаше и уште една изведба, предизвика голем интерес кај кумановската публика.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.