Претставата „Кожурец“ на театарот „Артопија“ во режија на Билјана Радиноска е денеска на фестивалската програма на 45. Млад отворен театар, која ќе биде прикажана онлајн од 19.30 часот.

Според организаторот на МОТ – Младинскиот културен центар, „Кожурец“ е нов храбар обид за експериментирање на театарската група „Артопија“, која повеќе од четири години е симбол на слободен театарски израз.

Работена според вистинска приказна, претставата „Кожурец“ го отвора просторот на комплексните односи помеѓу премолчувањето и прозборувањето, барајќи го во театарскиот контекст јазикот да прозбори за внатрешните и надворешните механизми на сексуалната злоупотреба на децата. Претставата е своевиден емотивен пејзаж на една траума, преиспитување на репрезентацијата во театарот, збир на сцени, слики и песни, добиени како материјал од истражувачкиот процес, соопшти МКЦ во најавата за претпоследната претстава на годинашниот МОТ кој завршува утре.

Билетите се достапни само преку bileti.mkc.mk. Oнлајн-претставите се бесплатни но со задолжително „подигнување“ билети.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.