Претседателката Гордана Сиљановска Давкова се сретнала со претставници на Филхармонија по повод 80-годишнината од основањето на оваа институција.

На средбата, на која присуствувале в.д. директорот Александар Котевски, поранешните директорки Мелпомени Корнети и Маја Чаначевиќ, концерт-мајсторот Анна Кондратенко, концерт-мајсторот во пензија Румен Димитриев, како и Ангелина Димоска, претседателката Сиљановска Давкова истакнала дека оваа значајна културна институција како единствен постојан претставник на симфониското творештво на македонската музичка сцена, со својот богат и разновиден репертоар ја привлекува домашната и светската публика.

Претседателката оценила дека во изминативе години преку своите незаборавни концерти во земјава и ширум светот, Филхармонија градела свој специфичен имиџ по кој денес е препознатлива институција.

Претставниците на Филхармонија ја информирале претседателката за роденденската сезона насловена „Одисеја“ исполнета со настапи и изведби на врвни странски и македонски солисти, ремек-дела на симфонизмот, концертно музицирање и премиерни изведби на дела од домашни музички творци.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.