В сабота од 20 часот во Драмски театар Скопје на малата сцена премиерно ќе биде изведена камерната претстава „Чудесна терапија“ по текст на австрискиот автор Даниел Глатауер и во режија на Димче Николовски.

Осумдесетминутната претстава со тројца актери (Соња Стамболџиоска во ликот на психотерапевт и Маја Вељковиќ-Пановска и Предраг Павловски – во улога на брачна двојка) раскажува за многу нарушена комуникација и недоразбирање меѓу маж и жена. Тие одат на брачно советување, терапија која добива чудесни размери.

Според режисерот Николовски животот е генератор на пречки кои ја носат врската во неочекувани насоки и проблеми.

Начинот на кој се справуваме со нив, може да ја зацврсне, а може и потполно да ја уништи. Во ваквите моменти, комуникацијата е единственото ненасилно и ефикасно оружје што го поседуваме. Комуникацијата е универзална способност на секој човек. Но, дали знаеме вистински да комуницираме? Се чини едноставно, но во врска, сакале или не, се’ станува комплицирано. Понекогаш и до бескрај. Разговорот знае да прерасне во кавга, кавгата во конфликт, а конфликтот во војна. А проблемот, наместо да биде решен, да роди нов, поголем проблем, вели режисерот на „Чудесна терапија“.

Оваа претстава се занимава со потребата од чиста и искрена комуникација како предуслов за една среќна врска. При тоа, безусловно е свесна дека во комуникациската еволуција, човештвото има уште многу етапи што треба да ги совлада.

Авторот на текстот, Даниел Глатауер (1960), е австриски писател и поранешен новинар, најпознат по епистоларниот роман „Виртуелна љубов“. Книжевните дела му се преведени на 40-ина јазици, а некои од нив се адаптирани за театар и за радио и ТВ-драми и надвор од германското јазично подрачје.

Претставата „Чудесна терапија“ во целост е подготвена со средства донирани од приватно лице.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.