Синоќа, на големата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ) премиерно беше прикажна „Галеб“ од Антон П. Чехов, а во режија на Нина Николиќ.

Ова е трето поставување на „Галеб“ на сцената на МНТ. Пред Николиќ, овој руски класик го поставиле режисерите Димитар Ќостаров, во 1960 година, и Бранко Ставрев во 1990 година.

Инаку драмата првпат е изведна во 1896 година, но публиката ненавикната на „нови форми“ многу лошо ја прифатила претставата.

Во „Галеб“ се преплетуваат два основни извори на конфликт: љубовта и прашањето за уметноста. Јунаците на драмата, живеејќи го секојдневието во една апатична атмосфера во кметовска Русија постојано се вртат во круг во своите несреќни животи. Несреќата произлегува од невозвратената љубов и личниот неупсех.

Во претставата играат Звездана Ангеловска, Никола Ристановски, Дарја Ризова, Петре Арсовски, Емил Рубен, Благој Веселинов, Сашка Димитровска, Славиша Кајевски, Тина Трпкоска, Дамјан Цветановски и Аксел Мехмед.

Во поставувањето на претставата учествуваше меѓународна екипа на соработници, меѓу кои сценографот Вишња Вујовиќ од Србија, дизајнерот на светло Крис Јегер од Велика Британија и кореографот Димитрис Сотириу од Грција. Композитор на главната музичка тема во претставата е македонскиот виртуоз на гитарата Влатко Стефановски. Тој по пауза од триесетина години повторно работи музика за театарска претстава. Стефановски ја компонираше и ја отпеа главната музичка нумера во „Галеб“.

Постојани соработници на повеќе претстави на Нина Николиќ се драматургот Драгана Лукан Николоски и костимографот Ивана Каранфиловска-Угуровска.

Следната изведба на „Галеб“ е на 26 декември.

Нагласувајќи дека станува збор за дело од светската класика, режисерката Нина Николиќ за својата верзија на „Галеб“ вели:

„Галеб“ е текст за храброста на младите генерации автори во борбата со оние што заминуваат од културната сцена, а кои сè уште се борат да ги задржат своите позиции во уметничките/театарските кругови и во општеството. Станува збор за текст во кој е јасно нагласено дека човек мора до крај да се бори за она во што верува и за она кое природно му следува“, додавајќи дека од друга страна „драмата содржи приказна актуелна за сите нас, луѓето, кои копнееме за возвратена љубов, но и кои сме подготвени до крај да се бориме за невозвратената или неостварливата љубов во која веруваме. Драмата раскажува приказни кои се универзални и кои се движечка сила на човекот воопшто, бидејќи ништо не се променило од пред 120 години кога Чехов го напишал текстот“.

Инаку, во фоајето на МНТ во тек е изложбата „Петре Арсовски, 50 години театар“ која е визуелно сведоштво за живот на сцената на актерот Петре Арсовски. Преку фотографии, плакати и останати експонати на дел од претставите во кои игра, а се во продукција на МНТ, целта е да се прикаже развојот и низата остварени ликови на еден од најпочитуваните актери во македонското глумиште и „жива легенда“ на македонскиот театар и филм.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.