Вечерва во 19.30 часот во зградата на Централната пошта во Скопје премиерно ќе биде изведен перформансот „Драга Републико“, по што во 21:30 ќе следува концерт на Мухамед Ибраими. Проектот се реализира во рамки на јубилејот 30 години независност.

„Драга Републико“ е перформанс-есеј за објектот на Телекомуникацискиот центар во Скопје, кој е еден од најрепрезентативните модернистички објекти во земјава. Преку повеќемесечен истражувачки процес, перформансот оформи комплексен, интердисциплинарен и поетичен јазик кој се обидува да ги преиспита причините за товарот на денешницата и последиците од микро и макро скриените или видливи фашизми. Во основата е важноста на објектот, од поширока историска, општествено-политичка и уметничка перспектива, кој на симболичко ниво раскажува за постојаното присуство на кочничарите на нештата да го достигнат замислениот развој, се посочува во најавата за настанот.

Перформансот ќе биде одигран и во понеделник (27 септември), во среда (29 септември),во четврток (30 септември) и во сабота на (2 октомври). Влезот е бесплатен, но поради пандемијата со Ковид-19 бројот на гледачи е ограничен на 60 и резервациите на билети може да се на направат на мејл адресата [email protected]

По перформансите „Оваа зграда зборува (на)вистина“ (добитник на Златна трига на Прашкото Квадриенале) и „Универзална во пламен“ авторите Филип Јовановски, Кристина Леловац и Ивана Васева овој пат во соработка со кореографката Викторија Илиоска, реализираат нов перформанс од трилогијата посветена на модернистички згради во Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.