Во просторот на балетската сала при Македонскиот народен театар, вечерва, на 27 декември, во 20 часот, премиерно ќе се одигра претставата „Бакхи: Агава“, според Еврипид и Тамара Барачков, а во режија на Нина Николиќ.

Претставата е копродукциски проект помеѓу: „Перипетија продукција“ – Скопје, МНТ и Градски театар од Јанина, Грција.

Агава е ликот за кој се зборува, а нејзиното однесување е предмет на толкување и прераскажување на останатите машки ликови. По чедоморството, Агава прозборува само во последниот чин. Но, злочинот го прави во состојба на занес и транс, таа сопствените постапки не е во состојба рационално да ги процесира и да ги вербализира.

Според авторот Барачков, токму затоа, во процесот на развивање на овој текст, во кој гласот и централниот простор ѝ се дава на Агава, се дефинира коренот на нејзините проблеми и незадоволството. Се поставува и прашањето: која е оваа жена денес?

Во претставата играат Симона Спировска како Агава; Александар Михајловски – Пентеј, а актерите Григор Јовановски – Дионис, Марија Кеврекиду, Ана Марија Бутниок, Афродита Атанасопулу и Дарја Ризова се со снимени гласови.

Сценограф е Ангел Петровски, костимограф е Ивана Каранфиловска-Угуровска, дизајнер на звук е Александар Арсиќ и дизајнери на светло Даниела Атанасова и Горјан Темелкоски.

Претставата е во режија на Нина Николиќ, која на сцената на МНТ ги постави и претставите „Народен непријател“ (2022), „Нема да биде крај на светот“ (2021), „Отело“ (2019), „Галеб“ (2018) и „Разговори во четири очи“ (2015).

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.