„Зад затворени врати“ или „No exit” од Жан Пол Сартр, а во режија на Џабир Доко е претставата која премиерно ќе ја изведе Турскиот театар на 3 октомври со почеток во 20 часот во просториите на Театар Комедија.

Кога го одбрав овој текст сакав да постигнам неколку цели, првата беше да се стигне до суштината на Сартр и неговата егзистенцијалистичка филозофија, втората беше тој егзистенцијализам да се доближи до денешното време, до денешниот контекст, до нашето опкружување и третата цел, најспецифичната и најважната, да успееме ние сите, како екипа, јас како режисер и моите колеги актери да се соочиме самите со себе и да се пронајдеме во самата идеја и концепт“, изјави режисерот Џабир Доко.

Актерката Несрин Таир, која е и в.д. директорка на Турски театар, рече дека како актерка во претставата била позитивно изненадена од начинот на кој младиот режисер Доко го водел процесот на подготовка.

Концептот на режисерот веднаш го прифатив, и иако имаше различни генерации на актери во претставата, тоа беше одличен креативен процес, рече Таир.

Во претставата улогите ги толкуваат актерите од Турскиот театар Несрин Таир (Инес) и Ерман Шабан (Гарсен), како и младите штотуку дипломирани актери Ебру Мусли (Естела) и Дин Ибрахим (Гарсон). Сценографија е на Медина Гициќ, костимографија на Инес Гоља, а музиката на Бојан Матоски.

Инаку покрај последнава премиера, годинава Турскиот театар досега има сработено три претстави – првата „Јунаци од бајките и Црвенкапа“ со сопствени средства на Театарот, втората „Три сестри“ во режија на Васил Христов и „Бог на масакрот“ на Билге Емин, поддржани Министерството за култура.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.