Утре, на 11 април, во Театар Комедија премиерно ќе биде прикажана претставата „Веќе не е ни смешно“ на Сашо Кокаланов, а во режија на Срѓан Јанаќиевиќ.

Од театарот соопштуваат дека ова е прва премиера годинава, а „Веќе не е ни смешно“ е праизведба на пиесата на авторот Кокаланов.

Во претставаат играат: Атанас Атанасовски, Тино Костадиновски, Сергеј Димовски, Тони Денковски, Жаклина Петровска и Виктор Арсов.

„Веќе не е ни смешно“ е црна комедија што ја прикажува приказната за еден комичар кој запаѓа во депресија зашто сите почнуваат да му го јадат лебот. Хуморот, неговиот занает, станува задолжителен, излитен и банален. Комичарот се наоѓа помеѓу чеканот и наковалната: од една страна свет во кој сите се смешни и имаат слобода да го истурат својот лош хумор секаде околу себе, од друга страна цензорското око на збудалената политичка коректност. Како да продолжи да твори фрлен среде океанот на универзалната смешка и со врзани раце и нозе од cancel културата, соопштуваат од Театар Комедија.

Комедијата на Кокаланов е инспирирана од „Човек што плаче од смеење“ на Фредерик Бегбеде и „Човекот што се смее“ на Виктор Иго.

Костимограф на претставата е Лидија Георгиева, сценографијата е на Марија Ветерова, музиката е на Игор Василев – Новоградска, од останатите соработници автор на плакатот е Мартина Петровска, фото – Кире Галевски и видео – Машина продакшн и светло – Илија Тарчуговски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.