Младинската претстава „Едвард Раце Ножици“ премиерно ќе се изведе вечерва во 20 часот во Театарот за деца и младинци. Режисерката Нела Витошевиќ го постави сценариото на Тим Бартон и Каролајн Томпсо и ја работеше според истоимениот филм од 1990 со Џони Деп.

Нашата претстава зборува за тоа дека треба да ги прифаќаме различните од нас и да ги надминеме предрасудите кон другите. Во оваа смисла, таа ги поставува прашањата за тоа колку е нашето општество зрело и колку сме ние зрели за соживот со некој што изгледа, зборува и се облекува поинаку од нас. Жанровски, ова е современа бајка која се занимава со третманот на различностите“, вели Витошевиќ и додава дека претставата е наменета за публика над 14 години.

Главниот лик го игра Бојан Кирковски, а играат уште 12 актери.

Буквално ќе биде како да гледаат филм од час и 15 минути. Црпиме од филмот и карактерот што го играм е според филмскиот лик – го задржавме неговиот изглед: лузните, периката, костумот… иако, сепак, јас не сум холивудскиот колега“, се пошегува Кирковски.

Во филмот на Бартон, дејствието е сместено во 50-тите години на минатиот век во САД, каде што се појавува Едвард, кој во филмот го игра холивудскиот актер Џони Деп со раце – огромни ножици, што на почетокот им изгледа егзотично на луѓето во конзервативната и конформистичка средина.

Сценографијата е на Константин Трпеноски, костимите на Роза Трајческа-Ристовска, а музиката на Огнен Анастасовски. Терминот за младински претстави е среда од 20 часот.

фото: Кире Галевски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.