Вечерва во 19 часот во Театарот за деца и младинци (ТДМ) е закажана премиерата на детско-куклената претстава „Јованче и Марика“ во режија на Давор Драгојевиќ од Подгорица, Црна Гора, а по текст на браќата Грин. Драматизацијата е на Дарко Ковачевски и на Надја Василева. Бајката првпат се поставува на сцената на ТДМ.

Дали бајка, во денешниот свет, кога на децата им се нудат најразлични содржини може да опстане? Дали може да парира на современата технологија, на компјутерските игри, на 3Д анимацијата? Секако дека може и тоа токму во театарот!, вели режисерот Драгојевиќ, кој првпат режира во ТДМ.

Тој првпат доаѓа во Македонија како режисер.

Досега во Македонија сум доаѓал како актер, а сега првпат гостувам како режисер. Чест ми е да работам со овој театар кој има одличен ансамбл. Со многумина од нив се познаваме и пријатели сме скоро 20 години. ТДМ во последните осум години гостува на Фестивалот на куклен театар во Подгорица и оттаму заминува со награди, меѓу кои и Гран при, рече Драгојевиќ.

Во претставата играат: Катарина Илиевска Силјановска (Јованче), Марија Ѓорѓијовска (Марика), Драган Довлев (таткото), Ана Левајковиќ Бошков (вештерката) и Ангела Димитрова (гуската).

Претставата е за деца над три години. „Јованче и Марика“ ќе биде посветена на Дарко Ковачевски, кој првично требал да ја режира претставата, но поради здравствени причини се откажал.

Актерите немаа слободен ден, се работеше и претпладне и попладне, без престан. Се надевам и верувам дека претставата ќе има долг живот и дека освен во Скопје, ќе ја видат и други деца, додаде Драгојевиќ.

Јованче и Марика се најпознатите брат и сестра во литературата за деца на кои Браќата Грим им подариле вечен живот. Оваа бајка ја покажува вистинската љубов помеѓу братот и сестрата, нивната добрина и нивната желба за среќно семејство.

Марика е мила, малку плашлива, Јованче љубопитен, храбар, доаѓаат во ситуација сами да се борат со вештерката, која го маѓепсала нивниот татко. Тука се преплетуваат светот на фантазијата и реалноста. Најважната порака на оваа бајка е дека и во најтешките моменти треба да веруваш во себе.

Сценографија и костимографија е на Надја Василева Ковачевска, а композитор на музиката на претставата е Љупчо Мирковски.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.