„Касета“ е новата младинска претстава во Театарот за деца и младинци – Скопје која утревечер премиерно ќе биде прикажана во 20 часот. Претставата е во режија на Бесфорт Идризи, според истоимената драма на шведскиот автор Денис Магнусон. Ова можеби е една од ретките претстави во македонските театари во која има метал музика, најавија од ТДМ.

Претставата иако е најавена за деца над 12 години, може да ја гледаат и помлади. Во претставата играат Мики Анчевски, Наташа Петровиќ, Симона Спировска, Винета Дамческа Мојаноска, Мартин Јорданоски и Ненад Митевски. Сценографијата е на Енес Деари, костимографијата на Роза Трајческа Ристовска, а композитор на музиката е Игор Василев.

Претставата „Касета“ е за тинејџерката Тува, чија мајка умира при породувањето. Таа не може да најде заеднички јазик со својот татко, за кој има мислење дека е многу здодевен и ништо не разбира. Еден ден, не знаејќи што да прави, доаѓа до идеја да се качи на таванот од куќата каде што живеат со цел да си ги најде старите играчки од детство. Помеѓу правливите стари предмети пронаоѓа една стара музичка касета на која пишува само „Горбар“.

Режисерот Бесфорт Идризи вели дека приказната зборува за односот татко-ќерка, особено во семејство каде мајката е почината.

Се зборува за начинот на кој таткото и ќерката се справуваат и колку тие двајца можат да живеат заедно, да се разберат, да комуницираат, сето тоа преку добра музика особено за младите. Сето тоа се одвива преку металска музика, рече Идризи.

Тој додаде дека на крај преку бенд и музика се гради еден добар мост меѓу ќерката и таткото и наоѓаат заеднички јазик за комуникација.

Директорката на ТДМ, Катарина Илиевска-Силјановска, вели дека преку приказната се открива еден нов музички свет, а во исто време, тинејџерката се запознава себеси.

Родителите вообичаено ги сметаме за здодевни, сѐ додека не откриеме дека тие кријат нешто специјално и интересно, што не сме го знаеле“, вели таа.

Дел од актерската екипа присутна на прес-конференцијата порача дека се стремат да ја едуцираат најмладата публика, која од овој театар тргнува во другите театри. Велат дека се обидуваат да создадат публика која ќе биде редовна и доброволно ќе сака да оди во театар.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.