Специјалната проекција на филмот „Џезмен“ на Аљоша Симјановски беше предмет на денешниот разговор помеѓу авторот и Гена Теодосиевска на 40. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ кој е во тек во Битола. Тие разговараа за џезот како едно духовно секојдневие, Велибор Педевски -голем љубител на џезот, кому му е посветен филмот, Скопскиот џез фестивал…

Филмот премиерно беше прикажан на ИФФК „Браќа Манаки“, а скопската премиера ќе се одржи во рамките на „Скопскиот џез фестивал“. Снимен е на неколку локации, Скопје, Њујорк, Софија, Белград…Во овој момент создеа идејата да се направи филм за Велибор Педевски, едната линија на филмот е „live story“, другата е џезот како форма и третата е новите технологии во музиката и џезот. Снимивме 10 големи ѕвезди на џезот и сите одговорија на сценаристичката замисла. Имаме квалитетна фотографија, имаме техника која е врвна, а МРТВ, благодарение на Велибор Педевски ја има најголемата архива за џезот, рече Симјановски.

Со кинематограферката на филмот „Момчето со карирана кошула“, Катерина Вал, разговараше Даријан Пејовски. Нејзиниот краток филм беше прикажан претходниот ден.

Имавме блиска соработка со режисерката. Работата беше чувствителна бидејќи работевме со деца во повеќе училишта. Го имавме сценариото и се обидовме да го најдеме јадрото и да ги прикажеме чувствата на децата на јазик кој ќе го објасни тоа надвор од стварноста, но ќе ја долови есенцијата на емоцијата, рече Вал.

Катерина Вал во разговор со Даријан Пејовски

Слаѓан Пенев, селекторот на програмата „Европски перспективи“ ги претстави авторите од Филмскиот центар од Црна Гора Иван Мариновиќ и Сехад Чекиќ. Оваа година има 5 филма од Црна Гора на фестивалот. Тоа е земја во фокус.

Нашиот центар за филм поддржува филмска продукција, членови сме на Медиа деск и Еуроимаж. Има големи промени во последниве години, постигнавме многу. Имаме поголем буџет што е многу важно за Центарот, преговараме и да го зголемиме буџетот, започнавме со копродукција итн, рече Чекиќ.

Иван Мариновиќ е кинематографер на филмот „Игла под прагот“ и рече дека филмот е одлично примен и покрај предизвикот дека црниот хумор кој преовладува во филмот нема да биде целосно сфатен во странство, бидејќи е специфичен за овие простори.

Кинематограферот на филмот „Ним им е добро“, Силван Хилман од Швајцарија на денешната средба со новинарите рече дека се приклучил една година пред да почне снимањето.

Режисерот сакаше да направи филм за Цирих, кој е градот во кој и двајцата живееме и на некој начин ова е портрет на градот. Идејата за статични кадри беше заедничка, имавме мал буџет, но најдовме перспектива која нема да биде воајеристичка, туку опсервирачка, рече Хилман.

Еуроимаж одржа презентацијата на новите критериуми за членките на овој европски фонд за поддршка и развој на кинематографиите од континентот.  На почетокот на презентацијата директорката на ИФФК „Браќа Манаки“ Гена Теодосиевска ги претстави гостинот Серџо Гарсија де Леаниз, проект-менаџер на Еуроимаж, и македонскиот национален претставик во оваа асоцијација, Татјана Ќурчинска-Пепељугоска. Еуроимаж е основан во 1989 година како културен фонд на Европската Унија, со седиште во Старзбур, а Македонија е членка од 2003 година.
Еуроимаж има 38 полноправни членки (без Велика Британија) и две придружни членки, Канада и Аргентина. Годишниот буџет на фондот е 25 милиони евра, кои се распределуваат како поддршка на филмските проекти низ 5 (пет) програми. Покрај редовните евалуации на активностите на Еуроимаж, во тек е генерална евалуација на овој фонд, од која ќе произлезат и новите критериуми.

Како што знаете, Еуроимаж е наднационален фонд, креиран да ги поддржи копродукциите меѓу земјите-членки. Во таа смисла, ние сме многу среќни што и Македонија е членка на Еуроимаж и соработката постојано расте. Бројот на поддржаните филмски проекти од Македонија постојано расте и ние сме многу среќни што сме присутни на Фестивалот на филмската камера во Битола како негови соработници, а, се разбира, и да го одбележиме јубилејот“, вели Серџо Гарсија де Леаниз.

Главната поента на неговата презентација е да се зголеми видливоста на фондот, да им се објаснат можностите на продуцентите и филмските автори кога аплицираат за поддршка на нивните филмски проекти, како и да се зголемат копродукциите меѓу македонските продуценти и филмските автори од други земји – истакна Де Леаниз.

Претставувајќи ги генералните податоци и активности на Еуроимаж, Де Лениз ги посочи податоците кои ја креираат сликата за функцинирањето низ бројки. Така, од основањето во 1989 година до денес, Еуроимаж комплетирал 2031 филмски проекти, а само минатата година биле реализирани 210 проекти.

Де Леаниз на присутните продуценти, филмски автори и национални претставници им ги претстави чекорите за апликација во програмите на фондот, низ 4 (четири) конкурси годишно.

Денеска децата имаа можност да го погледнат филмот „Дива Вештерка“, а дојдоа ученици од ОУ „Св. Климент Охридски“ и ОУ „Стив Наумов“. Исто така, по прокцијата фестивалот Битолска Млекара и Игротеката „Чудесна земја„ организираа детска работилница „Нацртај го својот омилен цртан јунак“.

Синоќа, со проекција на првите филмови на Балканот снимени од браќата Манаки, како први балкански кинематографери, почна програмата на Кинотеката на Северна Македонија на 40. ИФФК „Браќа Манаки“. Прикажаниот филмски материјал од браќата Манаки беше во траење од околу 50 минути, а проекцијата со една анегдота ја најави Владимир Ангелов, директор на Кинотека на Северна Македонија.

Можам да ви кажам една приказна: еден странски гостин од претходните години еднаш ми кажа дека баба Деспина, личноста која е снимена на првиот филм на Милтон и Јанаки Манаки имала 113 години, а филмот бил сниман на почетокот на XX век, во 1905. Тоа значи дека таа е личност која била родена во XVIII век, живеела во XIX век и умрела во XX век. Значи имате можност да видите уникатен филмски материјал за време на оваа презентација“, рече Ангелов.

Првата вечер беше прикажан и филмот „Полноќни танцувачи“ на неодамна починатиот автор Мето Петровски. Филмот бил снимен во 1981 година и бил прикажан на Манакиевите средби во 1981 год., кога денешниот фестивал „Браќа Манаки“ бил само три години стар. Следните денови во прекрасниот амбиент на „Магаза“ при Музеј и Завод – Битола ќе бидат прикажани филмови во продукција на „Вардар Филм“ и филмови од студентската програма.

Во текот на денешниот ден, студентите имаат средба и разговор со Ед Лакман и Арто Халонен, а потоа следуваат проекциите на : „Додека паѓам“, „Кога доматите го сретнаа Вагнер“, „Отворена врата“, „Запирка“, „Другарот“, „Бебето“, „Последното кафе“, „Донка“, „Пепел“, „Невидливиот живот на Еуридисе Гусмао“, „Чудовишен господ“, „Куќа на другите“, „Македонска сага“, „Мрзливец“ и „Златна ракавица“.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.