Програмата на годинешното јубилејно издание на КРИК – фестивал за критичка култура продолжува утре (вторник, 23 јуни) со предавање на познатата Светлана Слапшак, насловено „Легитимизација на социјализмот: помеѓу корона вирусот, Маркс и Дионис Савопулос“.
Слапшак е една од водечките интелектуалки, теоретичарки на културата, феминистки и антрополози во регионот и во Европа.

Најавувајќи го годинашното гостување на фестивалот, таа вели:

Во една песна од 80-тите години, грчкиот пејач Савопулос вели: љубовта работи во корист на социјализам. Тоа е време на ПАСОК во Грција, околу десет златни години, пред партијата да ги изгуби своите идеи и јазик, и пред да западне во национализам. Врската помеѓу љубовта и политиката е стара (античка) појава која желбата, задоволството и демократијата ги става во центарот на политиката. За време на епидемијата на корона вирусот (што е веројатно само почеток на ерата на епидемиските култури), станува важно и се вградува во свеста на граѓаните сознанието од практиката, а не од идеологијата, дека еднаквоста се заснова на човечките потреби, а не на општествената положба.

Според Слапшак, одговорот добиен од практичното искуство, дека сите се еднакви и мораат да бидат третирани според потребите, кој се појавува во ризичната состојба на епидемијата, предизвикува отпор со кој не управува ниту една партија, а кој бара, произволно наоѓа и не се интимизира особено со некоја идеолоша структура, туку со принципите на еднаквоста на демократијата и праведната распределба. Оваа нова борба, чии сведоци сме, добро го препознава расизмот, нацизмот и другите капиларни начини за консолидирање на неолибералниот капитализам, и нема друг излез освен борбата.

Предавањето ќе се одржи онлајн во живо на Фејсбук страницата на КРИК https://www.facebook.com/KRIKfestival/ со почеток во 19 часот и ќе биде проследено со разговор кој ќе го модерира Ивана Хаџиевска.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.