Во КСП Центар-Јадро на 5 октомври (среда) во 16:00 часот писателот и теоретичар Игор Штикс од Хрватска ќе одржи предавање на темата активистичка литература. Настанот е продуциран во соработка со книжевниот центар Антолог и е во склоп на овогодинешниот фестивал Bookstar кој ќе се одржи од 3 до 5 октомври.

На самиот почеток од романот „W“ на Игор Штикс, читателот ќе најде цитат од Жан-Пол Сартр: „Може ли комунист да напише роман? Не сум убеден во тоа: имено, тој нема право да стане соучесник на – своите ликови.“ На ова предавање авторот ќе зборува за комплицираниот, комплексен и ризичен однос помеѓу уметникот и општествениот и политички ангажман, тргнувајќи пред сè од сопственото искуство.

Игор Штикс е роден во Сараево, во 1977 година. Живеел во Загреб, Париз, Чикаго, Единбург и во Белград. Докторирал на Institut d’Études Politiques de Paris и на Northwestern University, а подоцна работел и предавал во Универзитетот во Единбург, на универзитетите во Грац, Љубљана, Сараево, како и на Факултетот за медиуми и комуникации во Белград. Заедно со Џо Шоу ги уредиле збирките „Citizenship after Yugoslavia“ (2013) и „Citizenship Rights“ (2013), а со Среќко Хорват, „Welcome to the Desert of Post-Socialism: Radical Politics after Yugoslavia“ (2015). Со Владимир Арсенијевиќ ја уредува едицијата „Заедничка читална“. Во Југословенското драмско позориште, претставата „Столот на Елијах“, во режија на Борис Лијешевиќ, освоила Гран при на БИТЕФ во 2011 година. Со својата прва драма „Брашно во вените“ (2016), освои неколку регионални награди за најдобар текст, додека неговата драма „Зрењанин“ е изведена премиерно во Народниот театар во Зрењанин. Пишува проза, книжевна критика и есеи, за кои ги има добиено највисоките признанија. Неговите дела се преведени на 15 јазици. За своите книжевни и интелектуални достигнувања доделено му е престижното француско одликување „Витез на уметноста и книжевноста“. Во 2017 година Штикс ја потпишал петицијата за заеднички јазик меѓу Хрватите, Србите, Босанците и Црногорците.

Јазик: англиски/хрватски
Времетраење: 45 минути
Модератор: Ѓорги Пулевски



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.