На 7 јуни 1945 година со решение на Министерството за народна просвета на Демократска Федеративна Македонија бил озаконет Правописот на македонскиот јазик, чиј дефинитивен текст бил усвоен пет дена порано.

Утврдувањето и озаконувањето на Македонскиот правопис преставува израз на континуираната борба на македонскиот народ за свој литературен јазик и правопис, кој во понатамошните години се надградуваше со нови содржини.

Азбуката и правописот ги донесе Третата јазична комисија во состав: Венко Марковски, Васил Иљоски, М. Павловски, Блаже Конески, Крум Тошев, Иван Мазов, Г. Влахов, Владо Малески, К. Х. Василев, И. Топаловски.

На 3 мај 1945, дефинитивно ја утврдила македонската азбука, која ги содржи следните 31 буква: А, Б, В, Г, Д, Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ, И, Ј, К, Л, Љ, М, Н, Њ, О, П, Р, С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ, Ш.

Истиот ден, Владата донела решение со кое била озаконета азбуката, кое било објавено во весникот ‘Нова Македонија’ во празничниот број (II, 104) од 5, 6 и 7 мај 1945 година. Оваа комисија, со исклучок на Мазов, на 2 јуни 1945 го утврдила и нацртот за македонскиот правопис, за кој на 7 јуни 1945 е донесена Резолуција од Владата со што македонскиот правопис станал официјален.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.