LINA_RAÜL REFREE, KAYHAN KALHOR и SILVIA PEREZ CRUZ се првите големи имиња што најавуваат исклучително возбудливо издание на OFFEST. Годинешниот 19. OFFEST ќе се одржи од 2 до 6 јуни во Скопје.

Нашиот најголем и најзначаен фестивал на музика на светот годинава ќе го отвори дуетот Lina_Raül Refree, колаборативен проект на португалската фадо дива Lina Rodrigues и популарниот шпански артист Raül Refree, еден од најбараните и најиновативните светски продуценти во моментов (Rosalía, Lee Ranaldo од Sonic Youth и др.). Нивниот штотуку објавен албум „Lina_Raül Refree“ (Glitterbeat, 2020), кој е своевидна модерна посвета на големата фадо легенда Amália Rodrigues, веќе предизвикува лавина од позитивни реакции кај светските музички сладокусци.

Втората вечер на OFFest (3 јуни) е резервирана за уште еден голем тандем, предводен од величествениот мајстор на иранското кеменче Kayhan Kalhor, добитник на Греми во 2017-та и актуелен носител на специјалната награда за животно дело на Womex (2019). Овој брилијантен музичар од курдско потекло во Скопје ќе настапи во придружба на турскиот виртуоз на инструментот баглама Erdal Erzincan.

Во истата вечер, публиката ќе може да го проследи и настапот на фасцинантната каталонска пејачка Silvia Perez Cruz. Таа во Скопје ќе го претстави својот најнов проект „Farsa”, во кој на волшебен начин ги комбинира музиката, театарот, филмот, танцот, сликарството, фотографијата и поезијата.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.