„Мими“, вториот долгометражен филм на Даријан Пејовски, на седми јули, на кровот на ГТЦ ќе го отвори 21. издание на Фестивалот на европски филм, „Синедејс“ кој го организира Младинскиот културен центар (МКЦ). Оваа година Фестивалот се одржува под мотото „Од високо подобро се гледа“, ќе трае до 14 јули, а ќе бидат прикажани педесетина филма.

Фестивалот се затвора со премиерата на „Нема да си сама“ во режија на Горан Столевски, кој што го сврте вниманието на светската филмска јавност по премиерата на „Санденс“, најголемиот фестивал на независен филм во САД.

Повеќе од 50 филма ќе бидат дел од програмата на 21. Фестивал на европски филм „Синедејс“, а проекциите ќе бидат на кровот на ГТЦ, на кровот на Дом на градежници, Музејот на современата уметност, Автокиното на Водно, во МКЦ парк, во кино „Милениум“, Кинотека.

Околностите во изминативе три изданија на фестивалот нѐ принудија да го извадиме платното од неговата предвидлива позиција, да го истражиме градот и годинава ќе видиме како изгледа кино од високо, кино на кров како симболика на нашите фестивалски големи и високи амбиции, со кои правиме програма која често ги надминува човечките и финансиските капацитети. Изборот ни се крововите кои може да соберат доволно публика за филмско прикажување и каде пред и по филмот ќе се ужива во панорамата на Скопје – истакнува Маргарита Арсова, програмски уредник на „Синедејс“.

Селектор на програмата и годинава е Бернд Будер. Ќе видиме светски и македонски филмови и копродукции што гравитираат во неколку нови и веќе познати програмски целини: Официјална селекција, SEE програма, МК Shorts (кратки филмови), Ретроспектива на Фатих Акин, како и Гала програмата на фестивалот во која доминираат филмови од годинешното издание на Канскиот фестивал.

Во рамки на фестивалот го лансираме и новиот, Фестивал на кратки жанровски филмови- Крацери“ кој што се јави како потреба за прикажување на кратки жанровски филмови досега незастапени на ниту еден фестивал кај нас. Тој ќе ги опфаќа жанровите комедија, научна фантастика, трилер, хорор, еротика, ноар, вестерн, експериментален, ангажиран филм и преку него ќе се направи увид во светската кратка жанровска програма – истакна Арсова.

Од придружната програма најавен е мастер класот на Џон Џост, еден од најплодните и најзначајните американски филмски автори. Ќе се дискутираат и анализираат примери од различни фази на творештвото на Џост, како и извадоци од други филмски дела со цел да се одговори на насловното прашање на мастеркласот: „Што е филм и што тоа може да биде?“
На Синема форумот, киноприкажувачите од Балканот ќе се дискутираат за своите актуелни предизвици, покрај размената на искуства и знаења кои произлегуваат од контекстите каде тие работат.

На посебен настан ќе се даде фокус на костимографијата на филмските платна од 60–ите до 2000-те именувана како „Лошите девојки од филмовите“. Идејата е да се стави акцент на филмскиот живот во МКЦ кој што бил многу активен и пред постоењето на фестивалот и наместо модна ревија, ќе има различни креациии на филмски сцени и костими опфатени преку различни формати и визуелизации. Настанот е авторство на Сандра Шевандо, под кураторство на дизајнерот Драган Христов.

Исто така белег на 21. издание е изложбата на плакати „Филмскиот плакат како визуелна гозба и информативна нарација“ со која се дава на увид приказната за создавањето на фестивалот преку колекцијата на плакати со која располагаме. Плакатите ги најдовме во депото на МКЦ, тие се оригинали примероци филмската програма која постоела пред воопшто да биде создаден фестивалот.

Mузичката програма на фестивалот „Синемјузик“ по втор пат го има Living music project, резиденцијална програма за режисери, композитори и филмски работници која ќе ја води композиторката Дарија Андовска, и во која ќе биде извадена од сенка аудитивната уметност на големите филмски дела.

Покрај тоа, ќе следат концерти на италијанското дувачко трио Fanfara station, Истанбулскиот бенд LALALAR и CV vision од Берлин.

Билетите за фестивалот ќе бидат по цена од 200 денари, за сите филмови, освен за филмовите од pop-up кино (Дом на градежници, МСУ и Автокино Средно Водно) кои се бесплатни. Со секој купен билет по проекцијата на филм може да уживате во концертната програма.

Фестивалот е поддржан од Делегацијата на ЕУ, Агенција за филм и Град Скопје.

Целосната програма и билетите се достапни на веб-страната на „Синедејс“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.