Деновиве, постхумно излезе од печат поетската книга Песни на мојот живот од Зафир Хаџиманов. Книгата е избор од неговите најдобри песни, а е во издание на Издавачката куќа Македонија презент од Скопје.

Во книгата, меѓу другите, се објавени песните: Како Вардар, Не се давај Скопје, Љуби ме и главата горе, Да си мерак песна, Од љубов не се бега, Љубов-песна, Човек, Животот е живот, Испокинати денови, Ај чао нема веќе, Има ли, О песна, Шансони на хартија, Театар, Би сакал, Еј љубовта, Ништо, Народен пејач, Сонце, Пес, Едноставна песна, Песна за пеење, Азил, Братска песна, Финале и други.

Изборот на песните го направи и го напиша поговорот во книгата писателот Иво Митев – Жиле. Тој во поговорот со наслов За поезијата на Зафир Хаџиманов како поет на два јазика, меѓу другото, ќе рече:

Зафир Хаџиманов е уметник кој дише на два јазика, успешно спојувајќи ги глумата, поезијата и песната до крај вљубен во пеаната поезија. Успешно поврзувајќи ги музичките поднебја, правејќи го тоа со крв, пот и солзи, многупати бил пионер и придонел за просперитетот во неговиот занает, или поубаво кажано занаети…Неговите дела што се од неговиот домен на кој и да се јазик создадени имаат искрен пристап, создавани се од срце, посветени се на неговата верна публика и тој целосно стои зад нив. Неговата уметност е светол пример во нашата уметност, како треба да се негува една култура.

Книгата Песни на мојот живот од Зафир Хаџиманов е објавена во пресрет на Саемот на книгата во Скопје и може да се набави на штандот на Издавачката куќа Феникс.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.