„Големата ѕвезда на македонскиот филм“, награда која во рамки на Меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ традиционално се доделува за исклучителен придонес во македонската кинематографија, оваа година ќе биде постхумно доделена на филмскиот продуцент Горјан Тозија.

Во богатата професионална биографија на Тозија ќе останат запаметени двата најголеми успеси на нашиот филм: номинацијата за Оскар на филмот „Пред дождот“ во 1994 година, кога тој раководеше со продуцентската куќа „Вардар филм“ и двојната номинација за Оскар на филмот „Медена земја“ во 2020 година, кога тој беше на чело на Агенцијата за филм на РСМ.

Горјан Тозија (1954-2022) беше филмски продуцент, поранешен државен секретар во Министерството за култура и советник во Кабинетот на претседателот Бранко Црвенковски. Беше претседател на Друштвото на филмски работници (ДФРМ), а во 1993 година се наоѓаше на чело на државната продуцентска куќа „Вардар филм“.

Тозија е продуцент на повеќе домашни и странски филмови: „Ослободувањето на Скопје“ (2016) „Трето полувреме“ (2012), „Ливада“ (1998), „Џипси Меџик“ (1997), „Преку езерото“ (1997), „Пред дождот“ кој доби номинација за Оскар во 1994, „Undercover“ (1991), „Sidney Sheldon’s Memories of Midnight“ (1991), „The Forgotten“ (1989), „A time of destiny“ (1988). Во својата кариера работеше на повеќе од 50 филмски и ТВ проекти. Во периодот од 2017 до 2020 година беше на чело на Агенцијата за филм на РСМ, под чие водство македонскиот филм го доживеа најголемиот успех до сега.

„Голема ѕвезда на македонскиот филм“ е награда на Друштвото на филмски работници на Македонија. Со наградата воведена во 2013 година се оддава признание за исклучителен придонес во македонската кинематографија, а традиционално се доделува во рамки на Меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“.

Досегашни добитници на наградата на ДФРМ се Кирил Ценевски, филмски режисер и сценарист (2013); Милчо Манчевски, филмски режисер и сценарист (2014); Дарко Марковиќ, карикатурист, сатиричар, филмски режисер (2015); Сајмон Пери, филмски продуцент (2016); „Вардар Филм“, продуцентска компанија (2017); Милица Стојанова, актерка (2018); Љупчо Константинов, композитор (2019); Столе Попов, филмски режисер и сценарист (2020) и Бајрам Северџан, филмски актер (2021).

И оваа година тимот на „Божиновски часовници и накит“ ја изработи наградата „Големата ѕвезда на македонскиот филм“ на фестивалот „Браќа Манаки“.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.