Во холот на НУ Музеј на македонската борба за самостојност поставена е изложбата „Градење на македонската државност“ посветена на столбовите на македонската држава – трите заседанија на АСНОМ.

По повод осум децении од Априлската војна (6-17.4.1941 г.), годишнината од Третото заседание на АСНОМ (14-16.4.1945г.), а во пресрет на 9 Мај, Денот на победата над фашизмот, изложбата претставува историско-документарно сведоштво за еден релативно краток историски период, кој е од есенцијално значење за современата македонска историја. Три тематски целини посветени на Првото, Второто и Третото заседание на Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ) го портретираат патот кон слободата, поставувањето на темелите на македонската државност и сведочат за слободарските идеи, демократијата и човековите права, велат од Музејот.

Изложбата е дел од програмските активности на Музејот на македонската борба, поддржани од годишната програма на Министерството за култура, а може да се посети секој ден освен понеделник од 10 до 18 часот, почитувајќи ги сите мерки и работни протоколи во услови на ковид.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.