Со цел да се зачуваат делата на македонскиот композитор Љубомир Бранѓолица, кој ова година наполни 90 години, поставена е интернет платформа (https://ljubomirbrangjolica.wixsite.com/brangjolica), на која се сместени негови дела во дигитална форма. Оваа интернет архива содржи и дела кои се најдени во домашната архива на композиторот Бранѓолица.

Постојат дела од авторот Бранѓолица, за кои знаеме дека се создадени и изведени, но за сега не успеавме да пронајдеме нотен запис од нив. Оваа интернет архива содржи евидентирани и дигиталиизрани дела кои ги најдовме и се во домашниот архив на композиторот Љубомир Бранѓолица. Во оваа фаза беа вклучени сите податоци кои беа познати, впишани на самата партитура како на пример, автор на текст, година на создавање и тн. За преостанатите податоци и дополнување потребни се дополнителни музиколошки истражувања и анализи, кои верувам дека би резултирале со создавање на еден обединет сеопфатен музиколошки труд за ликот и делото на композиторот Љубомир Бранѓолица, вели авторот на овој проект Андреј Блажевски.

Бранѓолица е на посебен начин уникатна појава во македонската музичка култура. Неговото богато музичко творештво е плод на повеќе влијанија, тенденции и животни ситуации. На 19-ти август 2022 година Љубомир Бранѓолица го прослави деведесеттиот роденден.

Главна карактеристика на композиторскиот јазик на Бранѓолица, без оглед на видот на композициите или жанрот на кој тие му припаѓаат е неоромантичарскиот музички израз. Во неговото творештво речиси нема поведување по авангардните струења на дваесеттиот век. Неговите дела се тонални, со раскошна мелодика и со вешта оркестрација. Тоа е една од причините што постојано живеат на репертоарот на македонските и на светските музички уметници и ансамбли.

Идејата на Блажевски е евидентирање и трајно зачувување на материјалните партитури во дигитален формат, коешто е направено преку процесот „фото-дигитализација“, со цел тие да бидат трајно зачувани, а со тоа и да се отстрани ризикот од нивното евентуално губење, или само-уништување, што подразбира распаѓање на самиот материјал на кој што се напишани, а тоа е хартијата.

Со изработка на специјалната архива за самиот композитор, како и и поставување на неговите дела на онлајн архивата, тие стануваат достапни за музичката, научната и пошироката јавност, а верувам дека тоа ќе придонесе и за подигање и јакнење на музичката култура кај нас, вели Блажевски.

Првата фаза на проектот се одвивала од 2019 до 2021 година, кога биле комплетирани и документирани сите дела на самиот композитор, кои што можеле да се пронајдат во неговиот личен архив. Во овој период беа дигитализирани и јавно објавени на онлајн архивот ISSUU (https://issuu.com/andrejblazevski1), вкупно 154 дела, коишто припаѓаат на неговото „класично” творештво.

Втората фаза траеше во периодот на 2021 – 2022 година и беа дигитализирани 225 дела, насочени кон неговото вокално творештво, композиции од областа на популарните жанрови и композиции за Биг- Бенд оркестарот.

Секој дигитализиран документ подложеше кон понатамошна дигитална обработка. За одредени дела кои беа пронајдени во лоша физичка состојба беа употребени дополнителни фото-дигитални техники со цел отчитување на нотографскиот материјал од самиот материјал – (партитура). Севкупниот дигитализиран материјал е предаден на Сојузот на Композитори на Македонија, МАНУ и НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје, вели Блажевски.

Од проектот произлезе каталог со список на дела на композиторот Љубомир Бранѓолица, групирани во категории, во зависност од инструменталниот состав (инструментариум) за кои се наменети.

Проектот е подржан од Министерство за култура на Македонија.

Во рамки на Есенски музички свечености утревечер, на први декември во фоајето на Национлната опера и балет во 20 часот ќе се одржи концерт посветен на 90 годиини од неговото раѓање.

Бранѓолица пишувал музика за опери, балети, музика за театарски претстави, тв-серии.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.